За пет часа убиени и исчезнати 322 Палестинци, Израел го продолжува геноцидот во Газа
Израелската војска рано утрово соопшти дека извела воздушни напади врз Појасот Газа, најголеми откако на 19 јануари стапи на сила прекинот на огнот со палестинската група Хамас

АНКАРА (АА) - Локалните власти во Газа утрово соопштија дека над 322 Палестинци се убиени и исчезнати за само пет часа низ Појасот Газа во продолжението на геноцидот од страна на Израел, прекршувајќи го прекинот на огнот што траеше речиси два месеца, јавува Анадолу.
Израелската војска рано утрово соопшти дека извела воздушни напади врз Појасот Газа, најголеми откако на 19 јануари стапи на сила прекинот на огнот со палестинската група Хамас.
Преку соопштение, Канцеларијата за медиуми на Владата на Газа истакна дека меѓу жртвите се цели семејства, кои се убиени заедно во израелските напади, нагласувајќи дека амбулантните и тимовите за цивилна одбрана не можат да ги однесат сите жртви во болниците.
„Овие брутални масакри уште еднаш потврдуваат дека израелската окупаторска армија го знае само јазикот на убивање, уништување и геноцид“, се вели во соопштението.
Се додава дека продолжувањето на масакрите во Газа доаѓа заедно со тековната задушувачка опсада што ѝ е наметната на Газа и целосното затворање на премините, со што се влошува хуманитарната криза и над 2,4 милиони Палестинци во Газа ги лишува од основните потреби.
Канцеларијата за медиуми ја повика меѓународната заедница, вклучително и Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) и групите за човекови права, да ја прекинат состојбата на неактивност и итно да дејствуваат за да стават крај на овие масакри во Газа.
Претходно израелската армија соопшти дека напаѓа цели на Хамас во Појасот „за да ги постигне целите на војната, утврдени од политичкиот ешалон, меѓу кои и ослободување на сите наши заложници, живи и починати“.
Од своја страна, пак, групата Хамас соопшти дека израелската Влада ѝ објавила војна на Газа со прекршување на договорот за прекин на огнот.
„Бараме посредниците да ги сметаат Нетанјаху и ционистичката окупација за целосно одговорни за прекршувањето и поништувањето на договорот“, се вели во соопштението.
И покрај прекинот на огнот, локалните власти во Газа известуваа за речиси секојдневни прекршувања на договорот од страна на израелската армија.
Во израелските напади, кои започнаа од октомври 2023 година, убиени се над 48.500 Палестинци, повеќето жени и деца, а Газа ја оставија во урнатини.
Во ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.