свет

Зеленски до Европскиот парламент: „Докажете дека сте се со нас, докажете дека нема да нè оставите сами“

На вонредната седница на Европскиот парламент преку видеолинк се вклучи украинскиот претседател Зеленски кој одржа говор

Ömer Tuğrul Çam  | 01.03.2022 - Обновена : 02.03.2022
Зеленски до Европскиот парламент: „Докажете дека сте се со нас, докажете дека нема да нè оставите сами“

БРИСЕЛ (АА) - Претседателот на Украина, Владимир Зеленски, преку видеолинк се обрати на вонредната седница на Европскиот парламент (ЕП) и побара поддршка од европските земји, јавува Агенција Анадолија (АА).

Европскиот парламент (ЕП) одржа вонредна седница во Брисел поради руските напади врз Украина.

На седницата преку видеолинк се вклучи Зеленски и одржа говор. Најавата дека Зеленски ќе одржи говор беше направена непосредно пред почетокот на седницата.

Зеленски во својот говор, при што често добиваше овации, рече дека ќе продолжат да ја бранат својата слобода.

„Многу сум среќен што денес сум заедно со вас и со сите земји од Европската Унија“, рече Зеленски и додаде дека Украина е под руска окупација со денови.

Нагласувајќи дека се спротивставуваат на инвазијата на Русија и дека ќе се обидат да ја заштитат својата слобода, Зеленски рече дека верува оти ќе бидат победници.

Украинскиот претседател истакна дека тие се под интензивен напад и дека градот Харков денеска е нападнат со два проектила.

Наведувајќи дека Плоштадот на слободата во Харков е најголемиот плоштад во Европа и дека денеска е нападната слободата, Зеленски додаде: „Никој нема да може да ни се меша во нашите слободи. Никој нема да може да нè прегази. Ние сме силни.“

Наведувајќи дека во вчерашните напади 16 деца ги загубиле животите, Зеленски подвлече: „Сакаме нашите деца да се живи. Кое дете може да работи во воен објект?“

„Сакаме да бидеме рамноправна членка на Европа. Денеска верувам дека покажавме дека сме. ЕУ ќе биде многу посилна со нас. Без вас Украина ќе биде сама. Ја докажавме нашата сила. И вие докажете дека сте се со нас, докажете дека нема да нè оставите сами,“ порача Зеленски.

- Поддршка на ЕП за членството на Украина во ЕУ -

Во својот говор на отворањето на седницата, претседателката на ЕП, Роберта Мецола, истакна дека во име на Парламентот најостро го осудува рускиот напад врз Украина.

Посочувајќи дека Европа е под егзистенцијална закана, Мецола рече дека тие ја поддржуваат истрагата за воени злосторства на Меѓународниот кривичен суд и ги сметаат за одговорни (рускиот претседател Владимир) Путин и (белорускиот претседател Александар) Лукашенко.

Истакнувајќи дека ја поддржуваат перспективата на Украина во ЕУ, Мецола нагласи дека ќе работат за аплицирање на Украина за членство во ЕУ.

- Украински знамиња во Генералното собрание на Европскиот парламент -

Во салата на Генералното собрание на местата каде што седат пратениците на ЕП беа закачени украински знамиња.

Некои од пратениците носеа сина и жолта облека што го симболизира украинското знаме и држеа плакати на кои пишуваше „Ние стоиме покрај Украина“.

На седницата присуствуваа и пратеници со маици на кои беше испечатено украинското знаме.

Седницата ја следеа и украинскиот амбасадор во ЕУ и некои Украинци.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.