свет

Исламофобичен терористички напад во Лондон

Oсомничениот ѝ се предал на полицијата, а во возилото со коешто управувал не бил пронајден никој друг

Ekipa  | 19.06.2017 - Обновена : 20.06.2017
Исламофобичен терористички напад во Лондон Tayfun Salcı/AA

London

ЛОНДОН (АА) - Лондонската полиција соопшти дека едно лице е приведено во врска со синоќешниот напад што се случи во близина на џамијата Финсбури Парк во северниот дел на Лондон, кога тој со возило влета во маса пешаци, при што едно лице загина, пренесува Anadolu Agency (AA).

Тие наведоа дека осомничениот ѝ се предал на полицијата, а во возилото со коешто управувал не бил пронајден никој друг. Уапсениот 48-годишен напаѓач првобитно е хоспитализиран, а полицијата најави дека ќе го испита откако ќе биде отпуштен од болницата.

Од полицијата истакнаа дека сите знаци укажуваат на тоа дека станува збор за терористички инцидент.

Официјални лица од полицијата соопштија дека истрагата ја води одделот за борба против тероризмот. Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, изјави дека синоќешниот напад е „грозен инцидент“ и оти станува збор за потенцијален терористички чин.

Во соопштението на лондонската полиција се наведува дека еден маж починал на местото на нападот, а осуммина повредени се хоспитализирани. Екипата на итната медицинска служба на теренот им укажа помош на уште две лица со полесни повреди.

Генералниот секретар на Советот на британските муслимани, Харун Кан, изјави дека цел на синоќешниот напад биле муслимани кои се враќале од вечерната молитва од џамијата.

Сѐ уште се очекува деталниот извештај на полицијата за синоќешниот напад, а очевидците на настанот на официјалните мрежи објавија дека мажот намерно со возило удрил во масата пешаци во близина на џамијата Финсбури Парк.

И имамот на џамијата, Мухамед Козба, за АА рече дека е јасно оти цел на нападот се верниците, кои од џамијата се враќаа во своите домови.

Очевидецот Абдурахан Аидроос изјави дека видел бел Британец кој извикал: „Ќе ги убијам муслиманите“, а потоа со возило влетал меѓу пешаците. Тој додаде дека едно лице загинало на местото на нападот, а повредени се најмалку десет лица. Аидроос исто така изјави дека пешаците потоа го фатиле напаѓачот и ѝ го предале на полицијата.

Синоќешниот напад во северниот дел на Лондон се случи по двата неодамнешни терористички напади во кои во Манчестер се убиени 22, а во Лондон осум лица. 

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın