Казахстан: Бројот на приведени во настаните се доближи до 8.000
Министерството за внатрешни работи на Казахстан информираше дека заклучно со 10 јануари бројот на приведени е зголемен на 7.939.

НУР СУЛТАН
Бројот на приведени во настаните во Казахстан е зголемен на 7.939, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството за внатрешни работи на Казахстан, ажурирани се податоците за приведените во операција во земјата која продолжува.
Се наведува дека заклучно со 10 јануари бројот на приведени е зголемен на 7.939.
На два пазара во Алмати приведени се 207 лица. Исто така се истакнува дека во операцијата се запленети 5 украдени автомобили и украдена стока, како што се компјутери, музички инструменти и оружје.
Меѓу другото, Комитетот за национална безбедност на Казахстан соопшти дека се неутрализирани 2 групи вклучени во настаните во Алмати.
Нагласено е дека овие групи учествувале на демонстрациите со цел да се наруши јавниот ред во градот од 4 до 8 јануари, а на местото каде што престојувале пронајдени се оружје и верски книги.
- Настани во Казахстан
Демонстрации кои започнаа во западен Казахстан на 2 јануари, поради зголемувањето на цените на течен нафтен гас (ТНГ) и влошувањето на социо-економската состојба, се проширија и во другите делови на земјата.
За време на демонстрациите дојде до судири меѓу безбедносните сили и демонстрантите. Особено во градот Алмати на југот на земјата, безбедносните сили одговорија со звучни бомби врз демонстрантите кои запалија полициски возила и влегоа во владините згради.
Претседателот на Казахстан Касим Џомерт Токаев ја прифати оставката на владата.
Откако дојде до проширување на протестите, вонредна состојба беше прогласена низ целата земја.
Демонстрантите користејќи оружје ги окупираа јавните објекти.
Администрацијата на Нур Султан им нареди на безбедносните сили да дејствуваат.
На 7 јануари, истакнувајќи дека е воспоставен уставниот поредок во сите региони на земјата, Токаев изјави: „Терористите сѐ уште продолжуваат да користат оружје и да го оштетуваат имотот на граѓаните.“