свет

Лавров: „Состанокот со високиот дипломат на Украина покажа дека ништо не може да го замени преговарачкиот процес“

- Во јужна Турција, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, одржа состанок на високо ниво со украинскиот и турскиот колега

Büşra Nur Çakmak, Elena Teslova  | 10.03.2022 - Обновена : 11.03.2022
Лавров: „Состанокот со високиот дипломат на Украина покажа дека ништо не може да го замени преговарачкиот процес“ Фото: Мустафа Чифтчи/АА

МОСКВА / АНТАЛИЈА (АА) - Денешниот состанок со високиот дипломат на Украина покажа дека ништо не може да го замени преговарачкиот процес, рече рускиот министер за надворешни работи по трипартитната средба со украинскиот и турскиот колега во Турција, средба на највисоко ниво од таков вид откако започна војната пред две недели.

Говорејќи на прес-конференцијата по разговорот, Сергеј Лавров го предупреди Западот да не ѝ дава оружје на Украина, тврдејќи дека земјите што тоа го прават „креираат закана за себе затоа што немаат контрола за употребата на тие оружја“.

„Странските колеги, вклучително ЕУ, дејствуваат опасно кога испорачуваат смртоносно оружје во Украина“, рече Лавров, додавајќи дека „оние кои испраќаат оружје во Украина или поттикнуваат платеници, ќе бидат одговорни за своите постапки“.

Во врска со руското бомбардирање на болницата за породување во средата, во Мариупол, Украина, Лавров рече: „Западните медиуми ги извртеа фактите за бомбардирањето на болницата за породување во Мариупол, бидејќи таму нема пациенти“, додавајќи дека Москва доставила доказ на ОН дека објектот се користи од баталјонот „Азов“, украинска милиција која се поврзува со нацизмот.

Лавров, исто така, тврди дека украинскиот претседател Владимир Зеленски се согласил за денешниот состанок за да „се покаже“, а не за вистински да се решаваат проблемите.

Тој додаде дека претседателот Владимир Путин не одбива да одржи состанок со Зеленски, туку дека за тоа треба да се направат повеќе подготовки.

„Путин никогаш не избегнува контакти. Ние едноставно не сакаме овие контакти да се случуваат [само] за [празни] зборови“, рече Лавров.

„Русија немаше да ја започне „воената операција“ во Украина ако Западот не го отфрли предлогот на Москва за безбедносни гаранции“, вели Лавров, тврдејќи: „Сѐ што е руско беше нападнато и се напаѓа во Украина.“


- „Нема нуклеарна војна“

„Западот ја нападна Југославија бидејќи не сакаше големи земји на Балканот, истото може да важи и за Русија“, рече тој.

„Единствената работа која Западот ја сака од Украина е таа константно да работи против Русија“, тврди тој.

Лавров, исто така, рече дека Москва никогаш не користела нафта или гас како оружје и дека моменталната „енергетска криза“ беше создадена со разговорите за ембарго за употреба на руски јаглеводороди.

Лавров рече дека не верува и не сака да верува во можноста за нуклеарна војна.

Тоа што рускиот претседател Владимир Путин ги стави нуклеарните сили на неговата земја во висока готовност откако започна војната во Украина на 24 февруари, отвори нови стравувања за нуклеарна конфронтација.

Министрите за надворешни работи на Турција, Украина и Русија се сретнаа денеска со цел постигнување траен мир откако војната помеѓу Русија и Украина навлезе во нејзината трета недела.

Трипартитната средба на високо ниво започна во 11:20 по локално време (08:20 GMT) во рамките на Меѓународниот форум за дипломатија во Анталија и траеше повеќе од еден час.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.