свет

Министерство за здравство во Газа: Израел уби речиси 9.000 жени

„Молкот на меѓународната заедница придонесе за геноцид врз палестинските жени“

Ahmed Asmar  | 08.03.2024 - Обновена : 11.03.2024
Министерство за здравство во Газа: Израел уби речиси 9.000 жени

АНКАРА (АА) - Во пресрет на Меѓународниот ден на жената, Министерството за здравство во Газа соопшти дека израелската армија убила речиси 9.000 Палестинки во текот на својата разорна офанзива врз енклавата, jавува Анадолу.

„Молкот на меѓународната заедница придонесе за геноцид врз палестинските жени“, рече портпаролот на Министерството за здравство, Ашраф ал-Кудра.

Тој додаде дека „60.000 бремени жени во Газа страдаат од неисхранетост, дехидрација и недостиг на соодветна здравствена заштита“.

Ал-Кудра истакна дека палестинските жени, особено во Газа, ја доживуваат најтешката хуманитарна катастрофа „од убивање, раселување, апсење, спонтан абортус, епидемии и смрт од глад како резултат на израелската агресија“.

Тој ги повика Обединетите нации да работат на „итно запирање на израелската агресија и геноцид“, а исто така ги повика „меѓународните женски организации да ги мобилизираат напорите за ставање крај на израелската агресија“ врз Газа.

Светот го прославува 8 Март - Меѓународниот ден на жената со тема „Инвестирајте во жените: забрзајте го напредокот“.

Израел спроведува смртоносна воена офанзива врз Појасот Газа по нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври, во кој Тел Авив рече дека загинале речиси 1.200 луѓе.

Оттогаш во израелските напади во Газа загинати се над 30.700 Палестинци, а над 72.000 се повредени.

Израел, исто така, воведе целосна блокада на Појасот Газа, оставајќи го неговото население, особено жителите на Северна Газа, на раб на глад.

Според Обединетите нации, израелската војна принуди 85 отсто од населението на Газа внатрешно да се раселат, каде што постои и акутен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а 60 отсто од инфраструктурата на енклавата се оштетени или уништени.

Израел пред Меѓународниот суд на правдата е обвинет за геноцид. Со привремената пресуда донесена во јануари, на Тел Авив му е наложено да ги запре геноцидните дејства и да преземе мерки за да обезбеди давање хуманитарна помош на цивилите во Појасот Газа.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.