свет

Во земјотресот во Авганистан 1.000 загинати и над 600 повредени

Потресите се почувствуваа во источните погранични покраини Хост и Пактика, предизвикувајќи огромни оштетувања во овие области

Zehra Nur, DüzIslam Uddin  | 22.06.2022 - Обновена : 23.06.2022
Во земјотресот во Авганистан 1.000 загинати и над 600 повредени

ИСЛАМАБАД (АА) - Во катастрофалниот земјотрес кој го потресе источен Авганистан животот го загубија најмалку 1.000 луѓе, а 610 се повредени, соопштија властите, пренесува Агенција Анадолија (АА).

„Маулви Шарафудин Муслим, заменик-државен министер за управување со катастрофи, рече дека досега во земјотресот загинале 1.000 луѓе, а над 600 се повредени“, објави државната новинска агенција „Бахтар“, која ја цитира изјавата на заменик-министерот дадена за време на прес-конференција во Кабул.

„Најмалку 218 луѓе загинаа, а повеќе од 300 се повредени од земјотресот само во областа Џани во Пактика. Досега, бројот на загинати во Пактика достигна 381“, објави претходно на Твитер, Абдул Вахид Рајан, талибански функционер и генерален директор на државната новинска агенција „Бахтар“.

„Потресите се почувствуваа во источните погранични покраини Хост и Пактика, предизвикувајќи огромни оштетувања во овие области.“

Авганистанските власти соопштија дека бројот на починати може да расте со оглед на тоа што десетици луѓе се во критична состојба.

„Имам трагични вести од мојата родна покраина Пактика, каде што стотици луѓе ги изгубија животите или се ранети во разорниот земјотрес. Домовите се уништени, а луѓето се под урнатините“, напиша на Твитер, Калид Задран, портпарол на полицијата на Кабул.

„Тимовите за помош од Кабул пристигнаа во областа и во тек се спасувачки активности. Сите хуманитарни организации треба да ја насочат својата помош во Пактика“, додаде тој.

Според пакистанскиот метеоролошки оддел, земјотресот се случил во 1:54 часот по пакистанско време (2054 GMT), на околу 44 километри од градот Хост, на длабочина од 50,8 километри. Неговата јачина била 6,1 степен според Рихтеровата скала.

Потресите беа почувствувани и во други делови на Авганистан, како и во Пакистан и Индија.

Талибанската Влада соопшти дека вршителот на должноста премиер на земјата наредил испраќање на помошни средства, вклучително и шатори и ќебиња, во погодените области.

„Премиерот Мула Хасан Ахунд претседаваше со итен состанок на Владата и одобри една милијарда авгани (над 11 милиони долари) финансиска помош за погодените семејства“, се вели во соопштението објавено од неговиот Кабинет.

„Авганистанското Министерство за одбрана, исто така, со хеликоптер ги префрли тешко ранетите во Кабул и во другите болници“, се додава.

Талибанските власти побараа и итна помош за подрачјата погодени од земјотресот.

Видеа и фотографии кои кружат на социјалните мрежи покажуваат куќи срамнети со земја во синоќешниот разорен земјотрес.

Турското Министерство за надворешни работи денеска изрази длабока тага поради земјотресот.

„Со длабока тага ја примивме веста дека силниот земјотрес со јачина од 6,1 степен што се случи во источниот дел на Авганистан, однесе многу животи, остави голем број повредени и предизвика голема материјална штета, особено во провинцијата Пактика“, се вели во соопштението на Министерството.

„Турската Црвена полумесечина, која е присутна во Авганистан, испрати хуманитарна помош за жртвите од земјотресот во регионот“, се додава во соопштението.

„Туркије, како и секогаш, е подготвена да обезбеди секаков вид помош на братскиот авганистански народ кој беше погоден од земјотресот“, се вели во соопштението.

Потпретседателот на Туркије, Фуат Октај, исто така, изрази сочувство.

„Посакуваме Божја милост за оние кои ги загубија животите во земјотресот во Авганистан, брзо закрепнување на повредените и ја споделуваме болката на братскиот народ на Авганистан“, напиша Октај на Твитер.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın