Непал ќе го премести базниот камп на Монт Еверест на побезбедна и пониска локација
- Се планира преместување на базниот камп на глечерот Хумбу, со образложение дека глобалното затоплување и човечките активности ја прават областа небезбедна.
АНКАРА (АА) - Јужноазиската земја Непал се подготвува да го премести базниот камп на Монт Еверест, кој се наоѓа на границата со Кина, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според веста што ја објави „Би-би-си“ (BBC), се планира преместување на базниот камп на глечерот Хумбу, со образложение дека глобалното затоплување и човечките активности ја прават областа небезбедна.
Официјалните лица информираа дека приближно 1.500 луѓе го посетиле кампот во пролетниот период и сметаат дека новата локација на базниот камп не треба да биде покриена со мраз во текот на целата година и треба да биде на помала надморска височина.
Посочувајќи дека кампот, кој моментално се наоѓа на глечерот Хумбу, предизвикува топење на водите кои го оштетуваат глечерот, истражувачите истакнаа дека бројот на пукнатини во глечерот се зголемил поради планинарите кои спијат во кампот.
„Се подготвуваме сега да се преселиме и наскоро ќе започнеме консултации со сите засегнати страни“, изјави Таранат Адхикари, официјален претставник на туризмот во Непал.
Адхикари соопшти дека базниот камп на глечерот Хумбу е на надморска височина од 5.364 метри и истакна дека новиот камп ќе биде на надморска височина од 200 - 400 метри пониско.
Научниците во студија изработена во 2018 година забележале дека голем број глечери на Хималаите се топат поради глобалното затоплување, и дека истото се случува и со глечерот Хумбу.
Во истражувањето е констатирано дека глечерот губи 9,5 милиони кубни метри вода на годишно ниво, а утврдено е истенчување на делот од глечерот близу базниот камп.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.