Новиот канадски премиер: Канада „никогаш, никогаш“ нема да биде дел од Соединетите Американски Држави
„Ние никогаш, никогаш, на кој било начин, облик или форма, нема да бидеме дел од Соединетите Американски Држави, Америка не е Канада“

ХАМИЛТОН (АА) - Новиот канадски премиер Марк Карни го критикуваше американскиот државен секретар Марко Рубио, за нарекувањето на неговата земја „51-та држава“ на денешниот состанок на групата Г-7 во Квебек, ветувајќи дека Канада „никогаш, никогаш“ нема да биде дел од нејзиниот јужен сосед, јавува Анадолу.
Во својата прва официјална прес-конференција по положувањето заклетва, Карни им рече на новинарите дека неговата нова Влада има голем број приоритети, споменувајќи ги пред сè американските царини, велејќи дека ќе ги заштити „канадските работници и нивните семејства пред неоправданите акции за надворешната трговија“.
Прашан во врска со коментарите на Рубио дадени на канадско тло - повторувајќи ги неколкумесечните слични изјави на американскиот претседател Доналд Трамп - Карни ги нарече „луди“.
Карни потоа беше прашан за неговата претстојна посета на Европа и дали тој „ќе бара гаранции од сојузниците на Канада дека земјата никогаш нема да стане 51-та држава на Америка (САД)“.
„Ние никогаш, никогаш, на кој било начин, облик или форма, нема да бидеме дел од Соединетите Американски Држави“, рече тој, нагласувајќи: „Америка не е Канада“.
Потенцирајќи ја разликата во Канада, тој за својот нов и разновиден Кабинет рече: „Не би го имале овој Кабинет во Америка. Вие го немате тој Кабинет во Америка“.
Тој додаде: „Ние сме фундаментално многу различна земја“.
Карни нагласи дека „нема планови да оди во Соединетите Американски Држави“, но даде уверување дека со нетрпение очекува да разговара со Трамп во соодветен момент.