свет

ОН повикаа на отворање на трговските патишта и пристаништата во Црното Море

- Отстранувањето на бариерите за трговските патишта во Црното Море треба да биде приоритет, изјави координаторот за криза на ОН во Украина, Амин Авад, истакнувајќи дека ситуацијата во Црното Море ја загрозува глобалната безбедност на храната

Bayram Altuğ  | 03.06.2022 - Обновена : 06.06.2022
ОН повикаа на отворање на трговските патишта и пристаништата во Црното Море Фото: Архива / АА

ЖЕНЕВА (АА) - Отстранувањето на бариерите за трговските патишта во Црното Море треба да биде приоритет, изјави координаторот за криза на Обединетите нации (ОН) во Украина, Амин Авад, истакнувајќи дека ситуацијата во Црното Море ја загрозува глобалната безбедност на храната и дека 1,7 милијарди луѓе во светот се соочуваат со ризик од сиромаштија, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Авад од Украина преку видеоконференција говореше на прес-конференцијата одржана во Канцеларијата на ОН во Женева.

Потсетувајќи дека поминаа 100 дена од војната на Русија во Украина, која започна по инструкции на рускиот претседател Владимир Путин, Авад рече: „Инвазијата на Украина, која Русија ја започна на 24 февруари, е јасно кршење на Конвенциите на ОН.“

Нагласувајќи дека во Украина има уништување и страдање веќе 100 дена, Авад рече дека се бомбардираат цивилите, болниците, училиштата и куќите и дека се влошени условите за живот на милиони луѓе.

- „На 15,7 милиони луѓе им е потребна итна помош“

„На најмалку 15,7 милиони луѓе во Украина во моментов им е потребна итна хуманитарна помош и заштита“, нагласи Авад, додавајќи дека животите на стотици илјади луѓе во земјата се во опасност.

Авад, исто така, додаде дека образованието на повеќе од 5 милиони деца е суспендирано, а околу 14 милиони луѓе се раселени, или третина од населението во земјата.

- „Неотворањето на пристаништата ќе резултира со светски глад и масовна миграција“

Истакнувајќи дека од почетокот на војната биле нападнати повеќе од 260 здравствени установи, Авад рече дека е нарушен пристапот на милиони луѓе до вода и струја.

Посочи дека несигурната ситуација во Црното Море ја загрозува безбедноста на храната и стоката, подвлекувајќи дека 1,7 милијарди луѓе во светот се во опасност од сиромаштија поради кризата во Украина.

„Решавањето на овој ќор-сокак бара итна поддршка и политичка волја. Отстранувањето на бариерите на трговските патишта во Црното Море треба да биде приоритет. Неотворањето на овие пристаништа ќе резултира со глад, нестабилност и масовна миграција низ целиот свет“, додаде Авад.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.