Папагалите во Малезија полетаа по повод „Светскиот ден на папагалите“
- Друштвото за слободни летови во Куала Лумпур (KLFF) го сочинуваат група љубители на птици кои се собираат на државни празници и викенди за да ги пуштат своите птици слободно да летаат.
КУАЛА ЛУМПУР (АА)
– Идрис СУЛУН
Група љубители на папагали во Куала Лумпур, главниот град на Малезија, земја од Југоисточна Азија, по повод 31 мај, Светскиот ден на папагалот, со различни видови папагали изведоа перформанс наречен „слободен лет“ на ридот Дамаи Пердана во регионот Черас.
Сопствениците на папагали во раните утрински часови, со своите папагали од различни видови како што се макао, џенет, еклектус, жако, се собраа во областа каде што ќе биде извршен слободниот лет.
На зелената површина на врвот на регионот, папагалите за да се подготват за летот се хранеа со индиски ореви, кикиритки и се полеваа со вода за да се заштитат од топлината.
Сопствениците на папагалите гордо и возбудено ги чекаа своите птици, кои успеале да ги обучат по години напорна работа и ги прифатиле како членови на семејството, да се вратат кај нив откако се издигнаа на небото со нивните светли пердуви.
Семејствата кои дојдоа во областа беа задоволни од изведбата на „слободниот лет“ на папагалите. Исто така беа задоволни и од комуникацијата на децата со птиците.
- Друштво за слободен лет
Друштвото за слободни летови во Куала Лумпур (KLFF) е група љубители на птици кои се собираат на државни празници и викенди за да ги пуштат своите птици слободно да летаат. Друштвото, што беше формирано во 2020 година со 10 луѓе, сега веќе брои 40 луѓе.
Меѓу другото, Друштвото има за цел да ја подигне свеста кај сопствениците на папагали за тоа како да се грижат за своите птици и да го споделат своето знаење едни со други.
Пред да се вдомат папагали, кои се меѓу загрозените видови, неопходно е да се добие дозвола од Малезиската управа за диви животни и национални паркови.
34-годишниот Измил Зулкипли, член на Друштвото за слободни летови, во изјавата за Агенција Анадолија (AA) рече дека за прв пат го прославуваат Светскиот ден на папагалите и дека се среќни што заедно ќе го слават денот.
Измил, кој храни два папагали од видот макао, рече: „Во друштвото се среќаваме еднаш неделно во недела, а некои недели се среќаваме и во сабота. Освен тоа, државните празници исто така ни дозволуваат да се собереме, тоа ни е како бонус.“
Потенцирајќи дека тренирањето на папагалите започнува од раѓање и продолжува со обука за летање на блиски растојанија, Измил наведе дека исто така се обидуваат да ги научат папагалите да изговараат едноставни зборови.
Измил додаде дека одлучил да вдоми папагал затоа што за време на епидемијата се чувствувал осамено и дека своите папагали ги гледа како членови на семејството.
Елиане Ариани, членка на групата, рече: „Тие се многу паметни и слатки, многу брзо се навикнуваат на луѓето, затоа многу лесно се врзуваш за нив. Се трудам да бидам одговорна сопственичка на папагал и да возвратам на нивната љубов.“
Нагласувајќи дека особено папагалите се софистицирани суштества, Елиане рече: „Одговарам 'не' на оние кои ме прашуваат дали е добра идеја да хранат папагал дома. Папагалот може да го чувате дома само доколку си дозволите својот живот да го посветите на птиците. Нивното негување не е лесно како што изгледа, треба сериозно да посветите време на нивната обука. Од друга страна, трошоците за нивното хранење и ветеринарите се исто така доста високи. Затоа, потребно е да се истражува долго време пред да земете папагал.“