Подготовки за празникот Новруз во Иран, кој се слави како Нова година
- Новруз, кој се слави во март, за многу луѓе е предвесник на пролетта и симбол на мирот, радоста и единството. Тој почнува со пролетната рамноденица која најчесто е на 21 март, или ден порано или подоцна.

ТЕХЕРАН
Граѓаните во Иран излегоа да пазаруваат пред претстојниот празник Новруз, известува Анадолу.
Новруз го означува првиот ден на пролетта и почетокот на годината според иранскиот календар.
Подготовките за празникот предизвикаа раздвиженост на пазарите во Техеран, а улиците на главниот град се украсени со декорирани јајца, кои се симбол на празникот Новруз.
- Празникот Новруз
Новруз, кој се слави во март, за многу луѓе е предвесник на пролетта и симбол на мирот, радоста и единството. Тој почнува со пролетната рамноденица која најчесто е на 21 март, или ден порано или подоцна. Моментот кога Сонцето еклиптички го пресекува небесниот екватор прецизно се пресметува секоја година. Обичај на иранските семејства е да се соберат и да го набљудуваат тој настан.
Празник Новруз е поврзан со разни легенди за повторното раѓање на природата и раѓањето нови надежи за луѓето. Често се практикуваат и разни молитвени обреди за подобра иднина на поединците и на човештвото.
За време на Новруз, луѓето се собираат, особено семејствата и пријателите, во своите домови или на улица.
Прво се посетуваат домовите на најстарите членови на семејството. Луѓето за време на празникот се среќаваат и разменуваат подароци, а на зајдисонце се организира голема гозба со музика и танци.
Во 2016 година, Новруз е вклучен на листата на УНЕСКО за нематеријално културно наследство на човештвото, како културно наследство на Авганистан, Азербејџан, Индија, Иран, Ирак, Казахстан, Киргистан, Узбекистан, Пакистан, Таџикистан, Туркменистан и Туркије.