свет

Протестот на пензионерите во Аргентина ескалираше во насилство, најмалку 20 лица се повредени

– Безбедносните сили се судрија со демонстрантите во аргентинската престолнина Буенос Аирес вчера на протестот организиран од пензионери, кој подоцна го поддржаа фудбалски навивачи, синдикати и прогресивни групи. Повредени се најмалку 20 лица

Serdar Dincel, Laura Gamba Fadul, Sinan Doruk  | 13.03.2025 - Обновена : 14.03.2025
Протестот на пензионерите во Аргентина ескалираше во насилство, најмалку 20 лица се повредени

БУЕНОС АИРЕС (АА) – Безбедносните сили се судрија со демонстрантите во аргентинската престолнина Буенос Аирес вчера на протестот организиран од пензионери, кој подоцна го поддржаа фудбалски навивачи, синдикати и прогресивни групи. Во судирите се повредени најмалку 20 лица, јавува Анадолу.

Полицијата употребила солзавец и водени топови за да ги растера демонстрантите, меѓу кои имало стари лица, жени и млади луѓе. Приведени се најмалку 103 лица.

На социјалните мрежи кружат видеа на кои се гледа како полицијата тепа и влече демонстранти, вклучително и сцена каде што 87-годишна жена се здобива со повреди на главата, а други се обидуваат да ѝ помогнат.

Меѓу повредените е и аргентинскиот фоторепортер Пабло Грило, кој добил сериозни повреди откако канистер за гас го погодил во главата додека известувал за протестите. Грило бил итно пренесен во болница на лекување.

Некои фудбалски навивачи фрлале стапови и лименки кон полицијата, која имала штитови. Присуството на безбедносните сили било значително, биле распоредени околу 800 полицајци за спречување на демонстрациите.

Пензионерите, кои редовно протестираат пред Националниот конгрес секоја среда попладне, бараат повисоки пензии и подобри услови за живот.

Оваа недела им се придружија и навивачи од неколку познати фудбалски клубови, меѓу кои Бока Јуниорс, Ривер Плејт, Индепендиент, Рејсинг, Естудијантес и Химнасија и Есгримa ла Плата. Тие маршираа со транспаренти на кои пишуваше „Ние сме со пензионерите“ и „Ќе маршираме“.

Неколку часа пред почетокот на протестите министерката за безбедност, Патриша Булрич, најави распоредување на вооружените сили.

„Нашите сили се распоредени за спроведување на протоколот. Сообраќајот нема да биде блокиран, а хулиганите ќе останат на тротоарот“, изјави Булрич.

Тензиите ескалирале околу 17:30 часот по локално време, кога пешадиската и моторизираната полиција употребиле гумени куршуми и солзавец за да растераат група демонстранти. Судирите продолжиле, а демонстрантите фрлале предмети кон полицијата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.