Романија и Бугарија во 2024 година делумно влегуваат во Шенген-зоната
Во март 2024 година двете земји влегуваат во Шенген-зоната на слободно движење со своите воздушни и поморски граници
АТИНА (АА) - Романија и Бугарија, кои се членки на Европската Унија (ЕУ) од 2007 година, во март 2024 година ќе влезат во Шенген-зоната на слободно движење со своите воздушни и поморски граници, соопшти Владата на Романија, пренесува Анадолу.
„На 23 декември 2023 година, Министерството за внатрешни работи постигна политички договор заедно со соодветните министерства во Австрија и Бугарија во врска со проширувањето на Шенген-зоната со Романија и Бугарија и примената на правото на Шенген во Романија и Бугарија со нивните воздушни и поморски граници, почнувајќи од март 2024 година“, се вели во соопштението на МВР.
Во ова соопштение се наведува дека преговорите и подготовките за проширување на Шенген-зоната до копнените граници на двете земји ќе продолжат во 2024 година.
Потребно е формално одобрување од сите земји членки како последен чекор за материјализација на договорот, се наведува во соопштението.
Шенген-зоната моментално вклучува 23 од 27 европски земји, како и Исланд, Норвешка, Швајцарија и Лихтенштајн, и им овозможува на луѓето слободно да патуваат меѓу земјите членки без да минуваат низ гранични контроли.
Претходно, Австрија, која тврдеше дека зголемениот проток на недокументирани мигранти во Европа докажува дека Шенген-зоната не функционира правилно, и Холандија, која инсистираше на тоа дека Бугарија треба да преземе сеопфатни судски и антикорупциски реформи, долго го блокираа влезот на Романија и Бугарија во Шенген-зоната.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.