Русија го потврди нападот врз Командниот центар за беспилотни системи на украинскиот Генералштаб во Киев
- Портпаролот на руското Министерство за одбрана, Игор Конашенков, рече дека изминатата недела Русија извршила 44 групни напади со прецизно оружје и беспилотни летала врз Украина врз енергетски објекти, како и воени аеродроми и железнички линии
МОСКВА (АА) - Руското Министерство за одбрана денес потврди дека извршиле напад врз Командниот центар за беспилотни системи на украинскиот Генералштаб во Киев, јавува Анадолу.
Говорејќи на брифингот за новинари во Москва, портпаролот на Министерството, Игор Конашенков, рече дека во текот на изминатата недела, Русија извршила 44 групни напади со прецизно оружје и беспилотни летала врз Украина, насочени кон енергетски објекти кои снабдуваат електрична енергија на воено-индустрискиот комплекс на Украина, како и воени аеродроми и железнички линии што се користат за пренос на западно оружје и опрема.
„Покрај тоа, погодени се Контролниот центар за беспилотни летала на Генералштабот на Украина, производствени работилници и места за складирање на беспилотни летала за напад, складишта за муниција, бази за гориво, како и привремени локации на Вооружените сили на Украина, националистички формации и странски платеници“, рече тој.
Гласините за нападот кружеа од вторникот, а неколку руски и украински политичари објавија фотографии и коментираа за нападот што беше спроведен од вторникот навечер до средата. Сепак, до денес и Москва и Киев се воздржуваа од официјално коментирање на ова прашање.
Шефот на рускиот регион Чеченија, Рамзан Кадиров, го нарече нападот врз украинскиот Генералштаб „одмазда“ за нападот со беспилотни летала на Киев врз центарот за обука на специјалните служби во градот Гудермес.
Конашенков, исто така, тврдеше дека руската Армија напредува во источните региони на Украина, наведувајќи дека 12 населби паднале под контрола на Москва во текот на изминатата недела, од кои повеќето во регионот на Доњецк.
„Вкупно, од почетокот на специјалната воена операција, 647 авиони, 283 хеликоптери, 35.119 беспилотни летала, 585 системи за противвоздушна одбрана, 19.012 тенкови и други оклопни борбени возила, 1.482 повеќекратни ракетни фрлачи, 17.158 теренска артилерија и минофрлачи, како и 27.898 специјални воени возила се уништени“, рече тој.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.