Рускиот претседател објави почеток на специјална воена операција во источна Украина
„Ќе се заложиме за чистење на Украина од нацизмот и милитаризмот, како и изведување пред лицето на правдата на оние кои имаат извршено голем број крвави злосторства против цивилите, меѓу кои и граѓани на Руската Федерација“
МОСКВА (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин рано утрово го објави почетокот на специјална воена операција во регионот Донбас во источна Украина.
Во телевизиско обраќање, Путин рече дека жителите на Донбас се обратиле за помош до Русија, јави руската новинска агенција ТАСС.
„Во однос на тоа...решив да спроведам специјална воена операција“, додаде тој.
Путин рече дека целта на операцијата е „да се заштитат луѓето кои осум години трпат прогон и геноцид од страна на режимот во Киев“.
„Ќе се заложиме за чистење на Украина од нацизмот и милитаризмот, како и изведување пред лицето на правдата на оние кои имаат извршено голем број крвави злосторства против цивилите, меѓу кои и граѓани на Руската Федерација“, додаде Путин.
По објавата на рускиот претседател, беа регистрирани големи експлозии во главниот град на Украина, Киев, и во градот Краматорск.
Претходно, сепаратистичките лидери во источна Украина побараа помош од Путин за одбивање на агресијата од украинската Армија, објави Кремљ доцна синоќа.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите изјави дека лидерите на отцепените украински региони Доњецк и Луганск преку писмо упатено до Путин барале помош.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен рече дека смета дека Русија би можела да изврши инвазија на Украина пред да заврши ноќта.
Путин во понеделникот објави дека Москва ги признава двата источноукраински отцепени региони Луганск и Доњецк како „независни“ републики, по што брзо ќе испрати сили за одржување на мирот.
Објавата на Путин наиде на широка осуда во светот како прекршување на Повелбата на ОН и меѓународното право, а западните земји најавија нови санкции кон Русија.
Во 2014 година, по инвазијата на украинскиот полуостров Крим, Москва почна да ги поддржува сепаратистичките сили во источна Украина против централната Влада, политика што оттогаш ја води. Според ОН, конфликтот зел над 13.000 животи.
Последните потези на Путин следуваат по распоредувањето на Русија на 100.000 војници и тешка опрема во и околу Украина, по што САД и другите западни земји ја обвинија дека се подготвува за инвазија.
Русија негираше дека се подготвува за инвазија и тврдеше дека Западот ја поткопува безбедноста на Русија преку проширувањето на НАТО кон нејзините граници.