САД: Муслиманските гласачи во градот Дирборн, Мичиген ги отфрлија демократите поради ставот за Газа
Неофицијалните резултати покажаа дека кандидатот на републиканците Доналд Трамп обезбеди 42,48 отсто од гласовите во градот на Средниот Запад, голема разлика пред кандидатката на демократите, Камала Харис, која освои 36,26 отсто
ИСТАНБУЛ (АА) - Традиционалното упориште на демократите во Дирборн, Мичиген, познат како главен град на арапската американска заедница, упати неверојатен прекор до Демократската партија на вчерашните американски претседателските избори поради поддршката за дејствијата на Израел во Газа, јавува Анадолу.
Неофицијалните резултати покажаа дека кандидатот на републиканците Доналд Трамп обезбеди 42,48 отсто од гласовите во градот на Средниот Запад, голема разлика пред кандидатката на демократите, Камала Харис, која освои 36,26 отсто, додека Џил Стејн од Зелената партија собра 18,37 отсто од гласовите со излезност на гласачите од речиси 55 отсто. Во Мичиген, генерално, долго време се сметаше за демократска држава т.н „Син ѕид“ – каде, исто така, победи, Трамп и ја освои претседателската функција.
Во Дирборн, дом на најголемата џамија во Северна Америка и на приближно 250.000 муслимански гласачи, се забележа значителна промена од 2020 година, кога демократот Џо Бајден го освои Мичиген со приближно 150.000 гласови, победувајќи го тогаш претседателот Трамп, кој го завршуваше својот прв мандат на функцијата.
Гласачите имаа тежок избор имајќи ја предвид трагедијата во Газа - каде во нападите на Израел во последните 13 месеци загинаа над 43.000 Палестинци, уништувајќи го Појасот Газа - и нивната голема критика на американската политика, или бојкот на гласањето.
Тенденцијата беше да се казни демократското раководство за неговата политичка, економска и воена поддршка на геноцидот во Газа.
Абдула Хамуд, градоначалник на Дирборн од редот на демократите, тврдеше дека администрацијата на Бајден ја гледа арапската заедница само како „банка на гласови“, критикувајќи го пристапот на партијата кон арапските Американци.
Градот, каде што 54,5 отсто од жителите тврдат дека имаат потекло од Блискиот Исток или Северна Африка, беше место на интензивни предизборни активности против демократите од муслиманските активисти кои протестираа против политиката на администрацијата за Газа.
Движењето „Напуштете ја Харис“ во Мичиген го оквалификува гласањето против Харис како „гласање против геноцид“, како одраз на широко распространето неодобрување на воената и економската поддршка на демократската администрација за Израел.
Бил Бази, арапско-американскиот градоначалник на соседниот Дирборн Хајтс, ја бранеше својата поддршка за Трамп - поддржувач на Израел кој како претседател контроверзно се обиде да им забрани на луѓето од седум мнозински муслимански земји да влезат во САД - нагласувајќи го немањето нови војни за време на претходната администрација на Трамп.
Во меѓувреме, некои арапско-американски и муслимански Американци, меѓу кои и групата „Emgage Action“, сè уште повикуваа на поддршка за Харис, тврдејќи дека тоа е стратешки избор да се спречи Трамп да се врати на функцијата.
Изборните резултати во Дирборн сигнализираа значителна промена во гласањето на арапските Американци, инаку традиционално усогласени со демократите, и го одразуваат растечкото незадоволство од надворешната политика на САД на Блискиот Исток.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.