Советот за човекови права на ОН ќе ги истражува тврдењата за злосторства на Русија во Украина
„Има неспорни докази за грубото и систематско кршење на човековите права од страна на Русија, како и за воените злосторства и злосторствата против човештвото“
ЖЕНЕВА (АА) ‒ Советот за човекови права на Обединетите нации (ОН) ја усвои Нацрт-резолуцијата за формирање меѓународна независна истражна комисија која ќе ги истражи сите прекршувања на човековите права и воените злосторства извршени од Русија во Украина, јавува Агенција Анадолија (АА).
Гласањето се одржа по говорите за Украина на итната седница на Советот за човекови права на ОН која трае два дена.
Нацрт-резолуцијата, во која меѓу повеќето презентери се наоѓаше и Турција, беше прифатена од 47-члениот Совет со 32 гласа „за“ и 2 гласа „против“. Тринаесет земји беа воздржани на гласањето.
Кина и некои африкански земји се воздржаа од гласањето, додека Еритреја и Русија гласаа против.
Во Нацрт-резолуцијата се осудуваат сите прекршувања на човековите права и меѓународното право, за кои се тврди дека се извршени за време на руските напади на Украина. Исто така, се предвидува и формирање меѓународна истражна комисија.
– Во Резолуцијата се бара Русија веднаш да стави крај на кршењето на човековите права –
Според одлуката, истражната комисија која ќе се формира во рамките на Советот за човекови права на ОН ќе ја сочинуваат тројца меѓународни експерти за човекови права. Овие три лица ќе ги избере претседателот на Советот. Мандатот на комисијата ќе биде една година.
Во Усвоената резолуција, исто така, се бара Москва веднаш да ги повлече сите свои воени сили од украинската територија, да се врати на меѓународните граници и Русија веднаш да стави крај на кршењето на човековите права.
– Едноминутен молк за жртвите –
Од друга страна, пред гласањето, амбасадорката Јевгенија Филипенко, постојаната претставничка на Украина во Канцеларијата на ОН во Женева, го покани Советот да се одржи едноминутен молк во спомен на жртвите во Украина.
Во салата беа присутни и високиот комесар на ОН за човекови права, Чилеанката Мишел Бачелет и аргентинскиот претседател на Советот за човекови права, амбасадорот Федерико Вилјегас.
„Има неспорни докази за грубото и систематско кршење на човековите права од страна на Русија, како и за воените злосторства и злосторствата против човештвото“, рече Филипенко.
Претставниците на Русија, Куба, Венецуела и Еритреја зборуваа против Резолуцијата и повикаа да се гласа против.