свет

Сопругата на Коби Брајант доби отштета од 16 милиони долари за фотографии од местото на несреќата

Поротата на Ванеса Брајант и на котужителот Крис Честер им додели отштета од 31 милион долари откако утврди дека Одделот на шерифот на округот Лос Анџелес и противпожарната служба се одговорни за споделувањето на фотографии од хеликоптерската несреќа

Laura Gamba Fadul  | 25.08.2022 - Обновена : 26.08.2022
Сопругата на Коби Брајант доби отштета од 16 милиони долари за фотографии од местото на несреќата

БОГОТА (АА) - Поротата им додели на Ванеса Брајант и на котужителот Крис Честер отштета од 31 милион долари откако утврди дека Одделот на шерифот на округот Лос Анџелес и противпожарната служба се одговорни за споделување графички фотографии од хеликоптерската несреќа во која загина НБА-ѕвездата Коби Брајант, неговата 13-годишна ќерка Џиана и уште седум други, јавува Агенција Анадолија (АА).

На Ванеса ѝ беше доделена отштета од 16 милиони долари, а на Честер, чија сопруга Сара и ќерката Пејтон беа исто така меѓу загинатите во несреќата, 15 милиони долари.

Ванеса за време на 11-дневното судење рече дека фотографиите емотивно ја вознемириле, бидејќи се плашела дека би можеле да бидат објавени јавно. Фотографиите не беа споделени на социјалните мрежи, но беа видени од вработените во Одделот на шерифот на округот Лос Анџелес и противпожарниот оддел.

„Секој ден живеам во страв дека ќе бидам на социјалните мрежи и дека тие ќе се појават. Живеам во страв дека моите ќерки ќе бидат на социјалните мрежи и дека сликите ќе се појават. Не сакам никогаш да ги видам овие фотографии. Сакам да ги памтам мојот сопруг и ќерка какви што беа“, рече Ванеса Брајант.

Адвоката Мира Хашмал, која го застапуваше округот Лос Анџелес, за време на судењето рече дека фотографиите никогаш не биле објавени во јавноста и дека тужителите никогаш не ги виделе.

Меѓутоа, по пет часа расправа, девет поротници едногласно се согласија дека фотографиите од посмртните останки на Коби Брајант и нивната ќерка ја нарушуваат приватноста на неговата сопруга.

Федералната порота рече дека округот мора да ѝ плати на Ванеса Брајант 16 милиони долари за емотивната болка.

Коби Брајант, кој се смета за еден од најголемите кошаркари на сите времиња, патуваше со својата ќерка Џиана и уште седум луѓе на кошаркарски натпревар кога хеликоптерот во кој се наоѓаа се урна недалеку од Калабасас, Калифорнија, 30 милји од Лос Анџелес.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.