свет

СпејсИкс изгуби втора ракета во најновиот тест-лет

„Ќе ги анализираме податоците од тест-летот за да ја разбереме подобро причината за неуспехот“

Darren Lyn  | 07.03.2025 - Обновена : 08.03.2025
СпејсИкс изгуби втора ракета во најновиот тест-лет

ХЈУСТОН (АА) – Компанијата СпејсИкс ја изгуби втората ракета само осум минути по полетувањето синоќа, што е втор последователен неуспешен обид за лансирање, пренесува Анадолу.

Системот Старшип, висок 122 метри, полета од лансирната рампа на СпејсИкс во Старбејз, во близина на Браунсвил, Тексас, во 18:30 часот по источно американско време, но центарот за контрола на мисијата ја изгуби комуникацијата со леталото по околу осум минути по стартот.

„Мислам оти е очигледно дека денешната мисија нема да продолжи“, изјави менаџерот за комуникации на СпејсИкс, Дан Хуот, во преносот во живо од компанијата.

Оваа најнова несреќа следуваше по неуспехот на 16 јануари, кога мегаракетата Старшип експлодира, исто така, приближно осум минути по лансирањето. Овој пат изгледаше како неколку мотори да се исклучени додека горниот дел на леталото сè уште забрзуваше кон вселената. Во преносот во живо од лансирањето се забележува како леталото се врти пред да се изгуби секоја комуникација.

„За време на подигнувањето на Старшип леталото доживеа катастрофална експлозија (Rapid Unscheduled Disassembly - RUD) и контактот беше изгубен“, соопштија од СпејсИкс.

„Нашиот тим веднаш започна координација со безбедносните служби за спроведување на однапред планираните итни мерки.“

„Ќе ги анализираме податоците од денешниот тест-лет за да ја разбереме подобро причината за неуспехот“, се вели во соопштението.

„Како и секогаш, успехот доаѓа од учење, а овој лет ќе ни понуди дополнителни лекции за подобрување на сигурноста на Старшип.“

Старшип на СпејсИкс е клучен за плановите на НАСА да врати астронаути на Месечината до 2027 или 2028 година.

„Очигледно, имаме многу што да анализираме“, изјави Дан Хуот.

„Главна причина за овие летови е да учиме. Имаме уште нешто да научиме за ова летало, но наскоро повторно ќе бидеме тука и ќе пратиме летало во вселената.“

Неуспешното денешно лансирање беше осми тест-лет на СпејсИкс.

Федералната управа за авијација започна истрага за тоа што тргнало наопаку.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.