свет

Стотици нелегални израелски доселеници упаднаа во џамијата „Ал-Акса“ во Ерусалим за да го одбележат празникот Пасха

- Одделот за исламски вакафи во Ерусалим, соопшти дека вкупно 765 доселеници, под силна полициска заштита, влегле во светиот комплекс преку западната порта Ал-Мугараба.

Ahmed Asmar  | 14.04.2025 - Обновена : 15.04.2025
Стотици нелегални израелски доселеници упаднаа во џамијата „Ал-Акса“ во Ерусалим за да го одбележат празникот Пасха Фото: Архива

АНКАРА (АА) - Стотици нелегални израелски доселеници денес насилно влегоа во комплексот на џамијата „Ал-Акса“ во окупираниот Источен Ерусалим, по повод одбележувањето на вториот ден од еврејскиот празник Пасха, јавува Анадолу.

Според соопштението на Одделот за исламски вакафи во Ерусалим, вкупно 765 доселеници, под силна полициска заштита, влегле во светиот комплекс преку западната порта Ал-Мугараба.

Одделот потсети дека и вчера, на првиот ден од Пасха, околу 500 доселеници, исто така, насилно влегле во дворот на „Ал-Акса“.

Пасха е еден од најзначајните празници во еврејскиот верски календар, со кој се одбележува ослободувањето на Израелците од египетско ропство за време на пророкот Мојсеј.

Според податоците на палестинското Министерство за вакафи и верски работи, само минатиот месец, во текот на муслиманскиот свет месец Рамазан, доселениците извршиле 21 упад во „Ал-Акса“.

Од друга страна, Канцеларијата на гувернерот на Ерусалим објави дека во првиот квартал од 2025 година во комплексот на џамијата насилно влегле 13.064 доселеници.

Од 2003 година Израел им дозволува на доселениците да влегуваат во светиот објект речиси секојдневно, со исклучок на петок и сабота.

Џамијата „Ал-Акса“ претставува трето најсвето место за муслиманите, а тој простор Евреите го нарекуваат „Планината на храмот“, тврдејќи дека на тоа место се наоѓале два древни еврејски храма.

Источен Ерусалим, каде што се наоѓа „Ал-Акса“, беше окупиран од Израел за време на Арапско-израелската војна во 1967 година, а во 1980 година Израел го анектираше целиот град, потег што никогаш не беше признаен од меѓународната заедница.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.