свет

Судот ѝ нареди на италијанската Влада да ги обештети нерегуларните мигранти

„Поради оваа одлука, Владата ќе мора да ги обештети – со парите на чесните италијански даночни обврзници – луѓето кои се обиделе илегално да влезат во Италија“

Giovanni Legorano  | 07.03.2025 - Обновена : 09.03.2025
Судот ѝ нареди на италијанската Влада да ги обештети нерегуларните мигранти

РИМ (АА) - Вишиот суд на Италија одлучи дека Владата мора да обештети група нерегуларни мигранти на кои им беше забрането слегување (од бродот) откако беа спасени на море, објави денес премиерката Џорџа Мелони, критикувајќи ја одлуката, јавува Анадолу.

Мигрантите беа спасени од бродот на италијанската морнарица „Дичиоти“ во 2018 година. Но, тогашниот италијански министер за внатрешни работи, Матео Салвини, им забрани да се симнат девет дена, велејќи дека ги штити италијанските граници.

Во својата одлука, судот истакна дека на мигрантите треба да им се надомести штетата што ја претрпеле поради нивното задржување на бродот.

На социјалните мрежи, Мелони ја нарече одлуката на судот „дискутабилна“.

„Поради оваа одлука, Владата ќе мора да ги обештети – со парите на чесните италијански даночни обврзници – луѓето кои се обиделе илегално да влезат во Италија“, рече таа.

„Мислам дека ова не се одлуки што ги приближуваат граѓаните до институциите и признавам дека е многу фрустрирачко да се трошат пари за ова, кога немаме доволно ресурси за да ги финансираме сите работи што треба да ги направиме“, додаде Мелони.

Сумата што Владата ќе треба да ја плати на мигрантите ќе биде одредена во подоцнежна фаза, соопшти судот.

Партијата Лига на Салвини, исто така, ја критикуваше пресудата.

„Апсурдно. Овие судии да платат со свои пари ако толку ги сакаат илегалните мигранти“, напишаа од партијата на социјалните мрежи.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.