свет

Трамп ја освои американската сојузна држава Алјаска, бројот на електорски гласови зголемен на 295

Според Асошиетед прес, трите гласа на Електорскиот колеџ на Алјаска го зголемија бројот на гласови за Трамп на 295, што претставува многу поголема бројка од 226 електорски гласови, колку што има Харис

Michael Gabriel Hernandez  | 07.11.2024 - Обновена : 07.11.2024
Трамп ја освои американската сојузна држава Алјаска, бројот на електорски гласови зголемен на 295

ВАШИНГТОН (АА) - Новоизбраниот претседател Доналд Трамп ја освои американската сојузна држава Алјаска, зацврстувајќи ја својата победа во однос на неговата противкандидатка, потпретседателката Камала Харис, јавува Анадолу.

Според Асошиетед прес, трите гласа на Електорскиот колеџ на Алјаска го зголемија бројот на гласови за Трамп на 295, што претставува многу поголема бројка од 226 електорски гласови, колку што има Харис.

На секој кандидат му требаа 270 делегати за победа.

Харис синоќа ги повика своите поддржувачи да го прифатат нејзиниот изборен пораз, ветувајќи дека ќе учествува во „мирен трансфер на власта“ откако Трамп обезбеди втор мандат во Белата куќа.

Харис го призна длабокото разочарување што го чувствуваат многу нејзини поддржувачи, велејќи дека резултатите не биле такви за какви што се бореле.

„Знам дека луѓето чувствуваат и доживуваат низа емоции во моментов. Сфаќам. Но мора да ги прифатиме резултатите од овие избори“, изјави Харис.

„Претходно разговарав со новоизбраниот претседател Трамп и му честитав за победата. Му реков и дека ќе му помогнеме нему и на неговиот тим во транзицијата, и дека ќе реализираме мирен трансфер на власта“, додаде таа.

Победата на Трамп означи историски и неверојатен кам-бек откако тој не успеа да биде реизбран за втор последователен мандат во 2020 година, кога без докази тврдеше дека изборите биле наместени и неуспешно се обиде да ги поништи резултатите.

Тој е прв поранешен претседател обвинет за државни или федерални кривични дела во четири одделни обвиненија и беше осуден на почетокот на оваа година во државата Њујорк по 34 точки од обвинението за фалсификување деловни досиеја за да го прикрие давањето пари за замолчување на ѕвездата во филмови за возрасни, Сторми Даниелс, која тврдеше дека имала наводна афера со Трамп.

Од годинашните избори придобивка имаше Републиканската партија како целина бидејќи ја префрли рамнотежата на моќта подалеку од демократите со преземање контрола врз американскиот Сенат (52:43), каде што за неколку места сè уште се пребројуваат гласовите, но само 51 се потребни за преземање на мнозинството.

Контролата во Претставничкиот дом допрва треба да се утврди бидејќи резултатите од повеќе трки сѐ уште не се објавени. Досега републиканците водат над демократите со тесна разлика, 210:181, а магична бројка за преземање контрола во Конгресот е 218.

Трамп ќе биде инаугуриран за вториот мандат во Белата куќа на 20 јануари 2025 година. Харис, како потпретседателка, треба да биде на церемонијата на полагање заклетва во Капитол.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.