свет

Урсула фон дер Лајен: „ЕУ работи на намалување на енергетската зависност од Русија“

- Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека Европската Унија работи на намалување на енергетската зависност од Русија

Ekip  | 07.03.2022 - Обновена : 08.03.2022
Урсула фон дер Лајен: „ЕУ работи на намалување на енергетската зависност од Русија“

БРИСЕЛ (АА) - Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, денес изјави дека Европската Унија работи на намалување на енергетската зависност од Русија, јавува Агенција Анадолија (АА).

„Мораме да се ослободиме од зависноста од рускиот гас, нафта и јаглен“, рече Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со италијанскиот премиер Марио Драги во Брисел.

Таа додаде дека Европската комисија во вторник ќе објави три нови предлози во таа насока.

Русија е еден од главните снабдувачи на Европската Унија (ЕУ) на сурова нафта, природен гас и цврсти фосилни горива, како што е јагленот.

Според податоците на Меѓународната агенција за енергетика, ЕУ минатата година увезла 155 милијарди кубни метри природен гас од Русија, што е околу 45 отсто од увозот на гас во ЕУ и околу 40 отсто од вкупната потрошувачка.

Комисијата ќе се обиде да ги заштити потрошувачите од зголемувањето на цените на енергијата преку реструктурирање на енергетскиот пазар на ЕУ.

Драги рече дека неговата влада ја поддржува ЕУ во намалувањето на енергетската зависност од Русија, додавајќи дека во саботата разговарал со катарскиот емир Тамим бин Хамад ал Тани за енергетска соработка.

Урсула фон дер Лајен додаде дека ЕУ „работи на дополнителни санкции кои би можеле да се оправдаат“ за Русија во зависност од „ситуацијата во Украина, непромислената агресија на Кремљ врз граѓаните, жените, децата и мажите“.

Нападот на Русија врз Украина, што започна на 24 февруари, предизвика гнев кај меѓународната заедница, а Европската Унија, Велика Британија, Канада, Јапонија и Соединетите Американски Држави (САД) воведоа економски санкции кон Москва.

Според Обединетите нации (ОН), оттогаш во Украина се убиени најмалку 364 цивили, а 759 се ранети.

Според Агенцијата на ОН за бегалци, повеќе од 1,5 милиони луѓе ја напуштиле Украина и заминале во соседните земји.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın