Францускиот претседател Макрон го освои вториот мандат како претседател
„Мнозинството од вас избраа да ми ја дадат својата доверба и за наредните пет години, знам што ви должам“.
ПАРИЗ (АА) - Емануел Макрон освои втор мандат како претседател на Франција, покажуваат целосните резултати објавени од Министерството за внатрешни работи по вториот круг избори одржани вчера, јавува Агенција Анадолија (АА).
Макрон, кандидатот на неговата партија „Републиката напред“, освои 58,6 отсто од гласовите, односно 18.779.809 гласови.
„Излезноста беше 72,37 отсто, најниска од 1969 година“, соопшти Министерството.
Макрон влезе во посебен простор подготвен за неговиот говор пред Ајфеловата кула придружен со Бетовеновата „Ода на радоста“.
„Мерси“, започна тој, заблагодарувајќи им се на своите следбеници во победничкиот говор.
„Мнозинството од вас избраа да ми ја дадат својата доверба и за наредните пет години“, рече тој, додавајќи: „Знам што ви должам“.
„После пет години трансформации, среќни и тешки часови, овој ден, 24 април, мнозинството од вас избраа да ми ја дадат довербата да претседавам со нашата Република во следните пет години.“
„Знам дека многу наши сонародници гласаа за мене денес, не за да ги поддржат идеите што ги имам, туку за да ги блокираат оние на екстремната десница. Сакам да им се заблагодарам овде и да им кажам дека сум свесен дека нивниот глас ме врзува за годините што претстојат“, рече тој.
„Денес избравте хуманистички проект, амбициозен за независноста на нашата земја, за Европа, амбициозен по своите вредности, социјален и еколошки, проект заснован на работа и творење“, нагласи Макрон.
„Овој проект, сакам да го носам за годините што доаѓаат, имајќи го предвид противењето што беше изразено и со почитување на разликите“, додаде тој.
- „Имаме многу работа“ -
Макрон го призна разочарувањето на приврзаниците на Марин Ле Пен, но додаде дека тој е „претседател за сите“.
„Имаме многу работа“, продолжи тој.
„Војната во Украина е таму за да нè потсети дека поминуваме низ трагични времиња, кога Франција мора да ја покаже јасноста на својот глас и да ја изгради својата сила во сите области, а ние ќе го направиме тоа“, рече тој.
„Никој нема да биде запоставен“, нагласи Макрон.
„Оваа нова ера нема да биде континуитет на петгодишниот мандат што завршува“, порача тој.
Кандидатката на екстремно десничарската партија „Национален фронт“, Ле Пен, доби 41,4 отсто или 13.297.728 гласови, што е најголем број во нејзините кандидатури за претседател.
Со исходот од вчерашните избори, Макрон стана третиот француски претседател кој освоил два последователни мандати по Жак Ширак и Франсоа Митеран.
Официјалните резултати од последниот круг на претседателски избори ќе бидат објавени на 27 април.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.