свет

Хамас го обвини Нетанјаху за блокирање на прекинот на огнот во Газа и размената на заробеници

Палестинската група на отпорот истакна дека нема потреба од нови предлози за постигнување договор и ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Нетанјаху...

Alperen Aktaş  | 05.09.2024 - Обновена : 05.09.2024
Хамас го обвини Нетанјаху за блокирање на прекинот на огнот во Газа и размената на заробеници

ГАЗА (АА) - Хамас доцна синоќа предупреди дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху ги попречува напорите за постигнување прекин на огнот во Газа и размена на заробеници, инсистирајќи на одржување на контролата врз Филаделфискиот коридор, појас земја што се протега по должината на границата на Газа со Египет, јавува Анадолу.

Палестинската група на отпорот истакна дека нема потреба од нови предлози за постигнување договор и ја повика меѓународната заедница да изврши притисок врз Нетанјаху и неговата Влада да ги почитуваат веќе преземените обврски во претходните преговори.

Нетанјаху за време на прес-конференциите на почетокот на неделата го потврди својот став дека израелските сили нема да се повлечат од Филаделфискиот коридор, наведувајќи претходни инциденти дека наводно преку оваа маршрута било шверцувано оружје за Хамас.

Постојаното присуство на Израел во коридорот останува главна пречка за финализирање на договорот со Хамас бидејќи и групата и Египет силно се противат на тоа. Ова ги блокираше напорите да се стави крај на војната во Газа и да се организира размена на заробеници.

Како одговор на изјавите на Нетанјаху, Хамас истакна дека одлуката на израелскиот лидер да остане во коридорот е обид да се саботира секој напредок кон прекин на огнот и размена на заробеници.

Хамас, исто така, ја отфрли потребата од нови предлози, повикувајќи се на извештаите дека САД подготвуваат нова иницијатива за размена на затвореници и прекин на огнот. Групата инсистираше на тоа дека итен приоритет е да се изврши притисок врз Нетанјаху и неговата Влада да ги почитуваат веќе постигнатите договори во претходните преговори.

Групата предупреди на тактиките на Нетанјаху, за кои тврдеше дека се користат за продолжување на тековната агресија врз палестинскиот народ.

Со месеци Египет, Катар и САД посредуваат во индиректните преговори меѓу Израел и Хамас, но овие напори допрва треба да дадат резултати, главно поради одбивањето на Израел да ги исполни барањата на Хамас за прекин на војната, повлекување на израелските сили од Газа и враќање на раселените Палестинци во северниот дел на Газа.

Според податоците на локалните здравствени власти, повеќе од 40.800 Палестинци, главно жени и деца, се убиени од почетокот на војната меѓу Израел и Хамас од 7 октомври минатата година, а речиси 94.400 се повредени.

Тековната блокада на енклавата доведе до сериозен недостиг на храна, чиста вода и лекови, а голем дел од регионот е во урнатини.

Израел се соочува со обвиненија за геноцид за неговите постапки во Газа пред Меѓународниот суд на правдата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.