свет

„Големата ѕвезда на Африка“: Дијамантот од Јужна Африка што ги краси жезолот и круната на британскиот монарх

Најголемиот ископан дијамант во светот е „Кулинан“, а на британскиот крал Едвард Седми, синот на кралицата Викторија, му беше врачен на неговиот 66. роденден во 1907 година

Murat Özgür Güvendik  | 21.09.2022 - Обновена : 27.09.2022
„Големата ѕвезда на Африка“: Дијамантот од Јужна Африка што ги краси жезолот и круната на британскиот монарх

ЈОХАНЕСБУРГ (АА) - МУРАТ ОЗГУР ЃУВЕНДИК -

Неодамнешната церемонија на устоличување на новиот британски крал Чарлс Трети, повторно го врати во центарот на јавноста најголемиот избрусен дијамант на светот кој се наоѓа на кралскиот жезол, а станува збор за 530-каратниот дијамант „Големата ѕвезда на Африка“, кој во лондонскиот дворец пристигна пред 115 години од Јужноафриканската Република, пишува Агенција Анадолија (АА).

Најголемиот ископан дијамант во светот е „Кулинан“, а на британскиот крал Едвард Седми, синот на кралицата Викторија, му беше врачен на неговиот 66. роденден во 1907 година.

„Кулинан“ до денес останува најголемиот квалитетен ископан дијамант. Пронајден е во рудник во Јужноафриканската Република, а името го добил по сопственикот на тој рудник, сер Томас Кулинан. Дијамантот имал 3.106,75 карати (621,35 грама). Транспортот од Јужна Африка до Англија претставувал безбедносен проблем. Детективи биле поставени на пароброд кој требало да го пренесува дијамантот, но каменот на бродот бил лажен бидејќи вистинскиот бил испратен во обична кутија по пошта во Англија.

Дијамантот на кралот му бил врачен во неизбрусена состојба, а подоцна бил искршен на девет големи избрусени дијаманти и многу помали. Најголемиот исечен дијамант се вика „Големата ѕвезда на Африка (Кулинан I)“ и има 530,4 карати, а се наоѓа на врвот на англискиот кралски жезол. Второто по големина парче (Кулинан II) се наоѓа на англиската кралска круна.

Во изминатите неколку недели повторно почна дебата за барањето на Јужноафриканците кои сакаат да им се врати „Големата ѕвезда на Африка“, за која тврдат дека е дадена во англискиот дворец без одобрение на нивните предци.

Вредноста на дијамантот „Големата ѕвезда на Африка“ се проценува на најмалку 400 милиони долари и е еден од највредните скапоцени камења во ризницата на накит на британскиот кралски дворец.

Дијамантот „Втората ѕвезда на Африка“ се наоѓа на кралската круна, а малите ѕвезди од Африка го красат накитот на британскиот монарх. Сите тие се делови од познатиот дијамант „Кулинан“, за кој некои во Јужноафриканската Република сè уште сметаат дека е наследство на нивните предци, кои им биле украдени од британските колонијални власти.

Порталот Change.org објави дека повеќе од 7.000 луѓе се потпишале на петицијата насловена „Враќање на дијамантот „Кулинан“ во Јужна Африка“, која беше покрената во Јужноафриканската Република.

Во последниве недели, многу корисници на социјалните медиуми во Јужна Африка, исто така, го споделија ова барање.

Јужноафриканскиот опозициски парламентарец Вујолвету Зенгула во порака на својот твитер-профил изјави дека враќањето на дијамантот нема да биде доволно, туку дека Јужноафриканската Република треба да ги надомести сите загуби од британскиот колонијален период и да се повлече од Британскиот комонвелт.

Џулиус Малема, лидер на третата по големина партија во Јужна Африка, „Борци за економска слобода“, по неодамнешната смрт на британската кралица Елизабета Втора изјави дека одбележувањето на сеќавањето на кралицата е еквивалентно на одбележувањето на колонијалниот период.

Јужноафриканскиот новинар Тето Махлакоана изјави дека Британците сакале да го претстават накитот како дарежлив подарок од Африка, оставајќи ја настрана историската реалност.

Махлакоана изјави дека во реалноста овој дијамант бил однесен во Англија без согласност на локалното население, кое, како што рече, било изложено на секаков вид притисок и дискриминација.

Истакнувајќи дека е многу разумно да се доведе во прашање потеклото на дијамантот, Махлакоана рече дека тој не е меѓу поборниците за едноставно враќање на дијамантот.

„Не сум толку сигурен дека враќањето на дијамантот е идеална опција во оваа ситуација. Можеби неговото враќање сега би ни било безвредно бидејќи тој сега е дел од туѓа историја. Наместо тоа, на Јужна Африка ѝ треба компензација, компензација со пресметана камата од годината кога е украден дијамантот“, рече тој.




На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın