„Израел започна напад врз Рафа без најава“, објави палестинското МНР
- Во воздушните напади што синоќа ги изведоа израелските воени авиони во разни делови на Рафа убиени се 14 Палестинци, меѓу кои има жени и деца, а повеќе лица се повредени.
РАМАЛА (АА) - Министерството за надворешни работи на Палестина денес објави дека израелската војска започнала напад врз градот Рафа, во јужниот дел на Појасот Газа, „без какви било најави и не чекајќи одобрение од никого“, известува Анадолу.
„Министерството за надворешни работи на Палестина остро ги осудува крвавите воздушни напади и системските деструктивни операции на Израел врз градот Рафа, игнорирајќи ги меѓународните предупредувања за незаземање на градот во кој живеат милиони раселени луѓе од северните и централните делови на Појасот Газа“, се истакнува во соопштението.
Се нагласува дека Израел синоќа извршил разорен воздушен напад врз Рафа во кој животот го загубиле голем број Палестинци и се додава:
„Израел започна напад врз градот Рафа без да го најави за да ги избегне меѓународните реакции и не чекаше ничие одобрение.“
Палестинското Министерство објави дека овие напади се совпаднаа со посетата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен на Саудиска Арабија и на Египет.
Во воздушните напади што синоќа ги изведоа израелските воени авиони врз разни делови на градот Рафа, животот го загубија 15 Палестинци, меѓу кои има жени и деца, а повеќе лица се повредени.
Канцеларијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на 15 март објави дека Нетанјаху го одобрил планот за можни воени операции јужно од градот Рафа.