Турција

Во Германија започна самитот на Г7, во фокусот Украина

Тридневниот настан се одржува во Шлос Елмау на Баварските Алпи, со агенда која се смета за поитна од кога и да е поради војната во Украина

Aysu Biçer  | 26.06.2022 - Обновена : 27.06.2022
Во Германија започна самитот на Г7, во фокусот Украина

ШЛОС ЕЛМАУ (АА) - Од почетокот на руската војна против Украина, денес во Германија започна првиот собир на седумте водечки економии во светот на кој лидерите ќе разговараат за кризата во храна и енергенси предизвикани од војната, јавува Агенција Анадолија (АА).

Тридневниот настан се одржува во Шлос Елмау на Баварските Алпи, со агенда која се смета за поитна од кога и да е поради војната во Украина.

Откако го презеде претседавањето со Г7 од Велика Британија во јануари, Германија постави цел за програмата: „Прогрес кон правичен свет“.

Во рамки на темата ќе се разговара за прашањата: одржлива планета, економска стабилност и трансформација, здрав живот и одржливи инвестиции.


Тридневниот настан се одржува во Шлос Елмау на Баварските Алпи, со агенда која се смета за поитна од кога и да е поради војната во Украина

Бидејќи ОН постојано предупредуваа на „глобална криза со глад без преседан“ поради руско-украинската војна, се очекува лидерите на Г7 да преземат нови обврски за безбедноста на храната и справувањето со растот на цените на енергијата.

Вчера, голем број демонстранти се собраа во Минхен барајќи борба против екстремната глад, обезбедување социјална правда и запирање на употребата на фосилни горива.

Од Attac (Асоцијација за оданочување на финансиските трансакции и за граѓанска акција) до Светскиот фонд за дивиот свет, околу 15 групи критички настроени кон глобализацијата се очекува да учествуваат на демонстрациите за време на самитот.

- Фокус на далекусежните последици од војната -

Ситуацијата во Украина се очекува да биде на врвот на агендата во рамките на која лидерите најавуваат поголема помош за земјата.

„Седумте најбогати земји во светот ќе објават забрана за увоз на руско злато“, соопшти денес американскиот претседател Џо Бајден.

„Заедно, Г7 ќе објави дека ќе го забраниме увозот на руско злато, голем извоз кој за Русија носи десетици милијарди долари“, објави тој на Твитер.

„Ќе стоиме покрај Украина сè додека е потребно. Негативното глобално влијание на руската војна ќе биде почеток и центар на нашите дискусии на Г7“, порача шефицата на ЕУ, Урсула фон дер Лајен.

Исто така, британскиот премиер Борис Џонсон уште еднаш јасно стави до знаење дека Владата ќе продолжи да ја поддржува Украина.

„Сега не е време да се откажеме од Украина, потребна им е поддршката и решителноста на Г7 повеќе од кога било“, напиша тој на Твитер.

„Велика Британија ќе продолжи да ја поддржува Украина во секој чекор бидејќи знаеме дека нивната безбедност е наша безбедност, а нивната слобода е наша слобода“, додаде тој.

Се очекува Џонсон да им каже на лидерите на самитот дека на претседателот Зеленски му е потребна поддршка од Западот повеќе од кога било.

Според соопштението на британската Влада, Велика Британија е подготвена да гарантира уште половина милијарда долари заеми за украинската Влада, со што вкупната економска и хуманитарна помош на Британија ќе достигне над 1,5 милијарди фунти.

- Безбедносни мерки -

Германската полиција, во меѓувреме, ги заврши подготовките за справување со можните демонстрации за време на настанот.

За безбедноста на лидерите на Г7 ангажирани се повеќе од 20.000 полицајци.

Подрачјето од 4 километри околу палатата Елмау, каде што се одржува самитот, е затворено.

Демонстрантите ќе отворат и протестен камп против Самитот на Г7 во Гармиш-Партенкирхен, каде се очекува да присуствуваат приближно 750 луѓе.

Во меѓувреме, за време на Самитот на Г7, Германија од безбедносни причини привремено ја суспендира апликацијата за Шенген, која предвидува слободно движење.

Германското Министерство за внатрешни работи почна да спроведува привремени контроли на границите на Германија во периодот од 13 јуни до 3 јули 2022 година.

- Кој присуствува на самитот?

На самитот присуствуваат американскиот претседател Џо Бајден, германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон, британскиот премиер Борис Џонсон, јапонскиот премиер Фумио Кишида, италијанскиот премиер Марио Драги и канадскиот премиер Џастин Трудо.

Освен седумте држави, поканети се и Индонезија, Индија, Јужноафриканска Република, Сенегал и Аргентина.

Индискиот премиер Нарендра Моди се очекува да зборува на две сесии за животната средина, енергијата, климата, безбедноста на храната, здравјето, родовата еднаквост и демократијата.

На самитот преку видеолинк ќе се вклучат и украинскиот претседател Владимир Зеленски, шефови на држави и влади на земји партнери и претседавачи на меѓународни организации.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.