Турција

Ердоган: Вежбата „Ефес-2024“ е заснована на зачувувањето на мирот

„Имаме можност да ги користиме новите системи од домашно производство што влегоа во инвентарот во вежбата 'Ефес-2024'“

Emre Başaran  | 30.05.2024 - Обновена : 31.05.2024
Ердоган: Вежбата „Ефес-2024“ е заснована на зачувувањето на мирот

ИЗМИР (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека тековната вежба на турската војска „Ефес-2024“ не е насочена кон ниту една земја, туку дека е заснована на зачувувањето на мирот, јавува Анадолу.

„Ниту една земја не е таргетирана во рамките на вежбата 'Ефес-2024', тоа е вежба заснована врз зачувувањето на мирот“, рече Ердоган во обраќањето до војската за време на вежбата во западната турска област Измир која собра близу 11.000 учесници од 45 земји.

„Имаме можност да ги користиме новите системи од домашно производство што влегоа во инвентарот во вежбата 'Ефес-2024'“, додаде турскиот претседател, наведувајќи дека првпат ќе бидат тестирани 33 нови системи.

Ердоган, исто така, ја истакна растечката одбранбена индустрија на Туркије.

„Минатата година достигнавме 5,5 милијарди долари извоз од одбраната со 230 вида производи пратени во 185 земји и потпишавме нови договори во вредност од 10,24 милијарди долари“, рече тој.

Ердоган, исто така, нагласи дека Туркије води интензивна дипломатија.

„Презедовме многу важни чекори (во дипломатијата) за да го зголемиме бројот на нашите пријатели. Се надеваме дека ќе продолжиме на овој пат со нови иницијативи“, додаде Ердоган.

Турскиот претседател се осврна и на присуството на терористичката организација ПКК во северниот дел на Сирија и Ирак.

„Туркије никогаш нема да дозволи сепаратистичката организација (ПКК) да формира терористичка држава во северниот дел на Сирија и Ирак, веднаш до нашите јужни граници“, рече тој.

Понатаму Ердоган додаде дека Анкара „внимателно ги следи“ „агресивните дејства на ПКК против територијалниот интегритет на Туркије и Сирија под изговор за референдум“.

Тој, исто така, ја спомена тековната агресија на Израел врз Газа, критикувајќи ја Владата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за нападот врз бегалскиот камп минатата недела во Рафа, во кој загинаа најмалку 45 луѓе, главно жени и деца.

„Тоа беше крај на човечноста, нема оправдување за таква бруталност“, рече тој во врска со нападот.

Турскиот претседател ја осуди политиката на израелскиот премиер за бруталните напади врз Појасот Газа кои траат од 7 октомври.

„Убивањето 36.000 луѓе во Газа, ранувањето повеќе од 80.000 невини, бомбардирањето луѓе во редиците за хуманитарна помош не е војна, туку геноцид“, рече Ердоган.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.