Ердоган: „Покажувањето со прст кон Русија за сомнителниот ракетен напад врз Полска ќе ги ескалира тензиите“
„Додека се трудиме да ги доведеме Русија и Украина околу иста маса, нема потреба да бараме трет учесник во оваа војна“
БАЛИ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска ја изрази потребата да се почитува изјавата на Русија за извештаите за ракетниот напад врз Полска и рече дека покажувањето со прст кон Русија дополнително ќе ги ескалира тензиите, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на прес-конференција во рамките на Самитот Г-20 во Бали, Индонезија, Ердоган рече: „Треба да ја почитувам изјавата на Русија. Во овој поглед, важно е за нас [да споменеме] дека Русија вели: „Ова нема никаква врска со нас.“
Тој истакна дека покажувањето со прст кон Русија, откако ќе се дознае дека ракетата не е руско производство, дополнително ќе ги ескалира тензиите.
Изјавата на Ердоган дојде по јавувањата за ракетен напад врз Полска во кој загинаа две лица.
„Додека се трудиме да ги доведеме Русија и Украина околу иста маса, нема потреба да бараме трет учесник во оваа војна“, додаде Ердоган.
Во врска со Договорот за жито во Истанбул, Ердоган рече дека веднаш штом ќе се врати од Бали, ќе разговара со неговиот руски колега за продолжување на Договорот за жито за најмалку една година. „Ќе разговараме и за транспортот на ѓубриво и амонијак“, додаде тој.
Туркије, Обединетите нации (ОН), Русија и Украина потпишаа договор на 22 јули во Истанбул за продолжување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, кој беше прекинат по почетокот на Руско-украинската војна во февруари.
Според ОН, од 1 август од Украина се извезени повеќе од 10 милиони тони жито.
- Купувањето на Ф-16 -
Во врска со потенцијалната продажба на Вашингтон на борбените авиони Ф-16 на Анкара, Ердоган рече: „[Американскиот претседател Џо] Бајден рече дека имало поволен развој.“
Односите меѓу Анкара и Вашингтон беа затегнати во последниве години поради соработката на САД со терористичката организација ЈПГ/ПКК во Сирија, неуспехот да го екстрадира бараниот водач на терористичката организација ФЕТО, несогласувањата околу купувањето на рускиот одбранбен систем С-400 од страна на Туркије и санкциите на Вашингтон врз Анкара.
САД соопштија дека соработуваат со ЈПГ/ПКК во северна Сирија во борбата против терористичката организација ДЕАШ, но турските власти нагласуваат дека користењето на една терористичка организација за борба против друга нема смисла, ниту морално ниту на ниеден друг начин.
Во врска со приемот на Турската Република Северен Кипар (ТРСК) во Организацијата на туркиски држави како членка набљудувач, Ердоган рече: „Не треба да добиеме дозвола од која било земја или орган за оваа одлука. Завршено е.“
Претходно овој месец, турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, го објави приемот на ТРСК во Организацијата на туркиски држави како членка набљудувач. „Ние сме секогаш покрај ТРСК насекаде“, напиша Чавушоглу на Твитер.
- Ердоган повика на поддршка во борбата против тероризмот -
Говорејќи за терористичкиот напад на улицата „Истиклал“ во Истанбул, Ердоган рече: „Оние кои ја поддржуваат терористичката организација под изговор дека се борат против ДЕАШ се, исто така, соучесници во секоја капка крвопролевање.“
Турскиот претседател повика на искрена поддршка од сите пријатели и сојузници за праведната борба на Туркије.
„Ние ќе продолжиме цврсто да ја спроведуваме нашата стратегија за елиминирање на терористичката закана од нејзиниот извор“, додаде тој.
Најмалку 6 лица загинаа, а 81 беа повредени во експлозијата на бомба, за која турската Влада потврди дека ја поставила терористичката организација ЈПГ/ПКК.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.