Катарскиот емир Ал Тани е првиот светски лидер кој допатува во Туркије по разорните земјотреси
- Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го пречека катарскиот емир Ал Тани во истанбулската палата Вахдетин Ќошќу
ИСТАНБУЛ (АА) - Катарскиот емир, шеикот Тамим бин Хамад ал Тани, е првиот светски лидер кој допатува во Туркије по разорните земјотреси што потресоа 10 турски области во јужниот дел од земјата, известува Анадолу.
Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го пречека катарскиот емир Ал Тани во истанбулската палата Вахдетин Ќошќу, каде без присуство на претставниците на медиумите, одржаа состанок заедно со нивните делегации.
Два разорни земјотреси, првиот со интензитет од 7,7 степени по Рихтер, во понеделникот наутро во 4:17 часот по локално време, со епицентар во округот Пазарџик, и вториот во 13:24 часот, со интензитет од 7,6 степени по Рихтер, со епицентар во местото Елбистан, ги потресоа јужните делови на Туркије. Епицентрите на земјотресите се регистрирани во турската област Кахраманмараш.
Бројни спасувачки екипи сè уште ревносно работат на пребарување и спасување на луѓето затрупани во урнатините на зградите.