Турција

Отворени гласачките места во 2. круг од гласањето за претседател на Република Туркије

Повеќе од 64 милиони граѓани на Туркије со право на глас, во 2. круг бираат меѓу актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, кандидат на Народната алијанса, и Кемал Киличдароглу, кандидат на опозицискиот Национална алијанса

Zlatan Kapic  | 28.05.2023 - Обновена : 28.05.2023
Отворени гласачките места во 2. круг од гласањето за претседател на Република Туркије Фото: Ибрахим Јалдиз / АА

АНКАРА (АА) 

Гласањето од вториот круг на претседателските избори во Туркије низ цела земја започна во 08:00 часот по локално време (07:00 часот по средноевропско време), известува Анадолу.

Поради фактот дека кандидатите не добија апсолутно мнозинство на претседателските избори одржани на 14 мај, во Туркије се одржува вториот круг гласање за избор на претседател на земјата.

Гласањето од вториот круг на претседателските избори, кои првпат ќе се одржат во турската политичка историја, ќе траат до 17:00 часот по локално време.

Денес низ цела Туркије се поставени 191.885 гласачки кутии на 973 места, во 1.094 избирачки одбори за избор на претседател на Туркије, кој ќе ја извршува функцијата пет години. На изборите што денес се спроведуваат на територијата на Туркије, право на глас имаат над 64 милиони гласачи.

Во вториот круг на изборите во Туркије, право на глас дополнително имаат 47.523 гласачи кои во меѓувреме наполнија 18 години.

На изборите ќе се натпреваруваат претседателскиот кандидат на Народна алијанса, Реџеп Таип Ердоган, и претседателскиот кандидат на Национална алијанса, Кемал Киличдароглу.

Во првиот круг од гласањето во Туркије одржано на 14. мај, актуелниот претседател Ердоган освои 49,5% од гласовите, а лидерот на турската опозиција Кемал Киличдароглу собра 44,89% од гласовите.

Гласањето ќе заврши во 17:00 часот по локално време (16:00 часот по средноевропско време). Но гласачите што чекаат во ред и пристигнале пред 17 часот ќе бидат преброени од страна на претседателот на избирачкото место и според редоследот ќе можат да гласаат.

Гласачите ќе можат да гласаат со еден од официјалните документи на Република Туркије на кој има матичен број и нивна фотографија, кој го открива нивниот идентитет.

На гласачкото место ќе биде забрането влегување со уреди за комуникација, како што се мобилни телефони и уреди за видеоснимање. Ваквите уреди ќе бидат оставени пред комисијата на гласачките кутии и ќе бидат вратени откако ќе заврши процесот на гласање.

По изборот на еден од претседателските кандидати на гласачкото ливче, гласачите ќе го стават гласачкото ливче во плик и ќе го спуштат во гласачката кутија.

По завршувањето на процесот на гласање ќе започне процесот на пребројување на гласовите.

И на овие избори ќе има мобилни гласачки кутии за гласачите што се врзани за кревет поради болест или инвалидитет. Овие гласачи ќе можат да го дадат својот глас во мобилните гласачки кутии.

Освен тоа, лицата со оштетен вид на овие избори ќе можат да гласаат со шаблонот подготвен за нив, како што беше случај во првиот круг што се одржа на 14 мај.


- Продолжува процесот на гласање на граничните премини

За приближно 3,5 милиони гласачи запишани во избирачките списоци во странство, беа поставени гласачки кутии на 167 локации во 151 претставништво на Туркије во 73 земји.

Гласањето во странските претставништва заврши на 24 мај. Оние што не можеле да гласаат во наведеното време во земјата во која живеат, постапката за гласање на граничните премини ќе продолжи денес до 17 часот.

Гласачките ливчиња користени во странство се донесени во Туркије со авиони и дипломатски курири. Гласовите складирани во „АТО Congresium“ во Анкара, пристигнати од гласањето спроведено во странство, ќе бидат отворени и пребројани истовремено со другите гласови по завршувањето на процесот на гласање што денес се спроведува во Туркије.


- Забрани за денот на изборите

Во рамките на изборните забрани, алкохолни пијалаци нема да се продаваат од 06:00 до 24:00 часот, а ќе биде забрането давање и пиење алкохолни пијалаци на јавни места. Забавните места ќе останат затворени во периодот на гласање, а во рестораните што се места за забава ќе биде дозволено само сервирање оброци.

Венчавки може да се одржуваат по 18:00 часот по локално време, под услов да се почитуваат изборните забрани и наведените правила.

Никој нема право да носи оружје, освен припадниците на службите што се задолжени за одржување на јавниот ред и безбедност. Радиостаниците и сите видови радиодифузни органи денес до 18 часот нема да можат да објавуваат вести, прогнози и коментари за изборите и изборните резултати. Во периодот од 18:00 до 21:00 часот на радијата и на сите видови радиодифузни органи ќе може да се емитуваат само вестите и информациите што ќе ги објави Врховната изборна комисија на Туркије во врска со изборите.

Сите емисии и информации во врска со изборите ќе може да се емитуваат по 21:00 часот по локално време, но тоа може да се направи и пред 21:00 часот, доколку Врховната изборна комисија на Туркије го одобри тоа.


- Во кои случаи гласовите ќе се сметаат за неважечки

Неважечки ќе бидат гласачките ливчиња на кои нема да биде втиснат печатот „Да“ или „Избор“ и оние кај кои на повеќе од еден кандидат е втиснат печатот.

Исто така, ливчето ќе се смета за неважечко доколку се уништи или скине гласачкото ливче на начин што ќе го наруши интегритетот на ливчето, доколку печатот биде ставен надвор од обележаниот простор или на гласачкото ливче наместо печат биде ставен некој посебен знак, име, потпис или отпечаток од прст.

Освен тоа, гласовите ќе се сметаат за неважечки доколку гласачкото ливче е јасно исчкртано, изгребано или обележано или, пак, доколку од пликот излезе некој предмет со цел да биде означен.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.