Турција

Природен феномен во Коња: Темпото на формирање вртачи во пораст

Пречникот и вдлабнатините на вртачите во минатото биле поголеми, пречникот на одредени места бил меѓу 450-500 метри до еден километар, а длабочината од 140 до 150 метри

Abdullah Doğan  | 03.09.2023 - Обновена : 05.09.2023
Природен феномен во Коња: Темпото на формирање вртачи во пораст Фото: Abdullah Doğan/AA

КОЊА (АА) – АБДУЛА ДОГАН -

Бројот на вртачи или кружни вдлабнатини кои настануваат од варовник кој со текот на времето се раствора под земја, и со рушење на тлото, се зголемува секоја година на подрачјето на турската област Коња, пишува Анадолу.

Директорот на Центарот за истражување и примена на Техничкиот универзитет во Коња проф. д-р. Фетула Арик, во разговор за Анадолу изјави дека во последните години спроведуваат истражувања на вртачите кои се формираат на подрачјето на Коња.

„Постојат 600 вртачи подлабоки од еден метар. Во овој регион оваа година забележавме повеќе од 20 вртачи. Темпото на формирање на вртачите е видливо во пораст. Пред 20 години беа една до две годишно, а сега имаме од 20 до 25 вртачи. Во некои години има и триесетина вртачи“, рече Арик.

Додаде дека формирањето на вртачите може да продолжи и до крајот на годината, првенствено поради наводнувањето во земјоделството.

- Вртачите во минатото -

Тој појасни дека во минатото вртачите најчесто се формирале во карбонатни карпи.

„Таму може да се формираат многу големи вртачи без никакви назнаки до самиот момент на колапс. Повеќето од дупките што се формираат сега се јавуваат на не толку стари предели“, истакна Арик.

Како што рече, пречникот и вдлабнатините во минатото биле поголеми, напоменувајќи дека пречникот на одредени места бил меѓу 450-500 метри до еден километар, а длабочината од 140 до 150 метри.

„Пречникот на повеќето вртачи формирани во последните години е 50-60 метри, а длабочината е 15-20 метри. Дупките што се формирани во карпите во минатото се многу поголеми. Овие сега се малку помали, но не до толку мали. Доволно големи да проголтаат просечна куќа“, истакна експертот.

- Проценки за иднината -

Арик рече дека пречникот на вртачите формирани на полето во Карапинар минатата година бил околу 35 метри.

„Пречникот на вртачите формирани оваа година главно беше околу 20-25 метри. Тешко е да се предвиди дали ќе се намали или зголеми. Наеднаш може да се појави поголема вртача во зависност од основната структура на тлото“, изјави Арик.

Вртачите се вдлабнатини во форма на инка, тркалезни или долгнавести кои настануваат со растворање на варовникот и доломитот во тектонски фрактурирани подрачја.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.