Туристички бисер на Туркије - Пештерата Каклик како подземно Памуккале
- Пештерата го привлекува вниманието со своите травертини, базени со термална вода, алги во различни нијанси на зелена, константна температура на воздухот од 32 степени Целзиусови и волшебна атмосфера
ДЕНИЗЛИ (АА)
- Себахатдин ЗЕЈРЕК
Пештерата Каклик во Туркије привлекува сѐ повеќе посетители, а станува збор за пештера која УНЕСКО ја дефинираше на својата листа на светско наследство како подземен еквивалент на Памуккале, известува Анадолу.
Сместена во местото Каклик, во округот Хоназ, оддалечена 30 километри од истоимениот град, пештерата веќе 21 година придонесува за туризмот со своите травертини, базени со термална вода, алги во различни нијанси на зелена, константна температура на воздухот од 32 степени Целзиусови и волшебна атмосфера.
Постои мислење дека бистрата вода со мирис на сулфур, во која посетителите можат да шетаат, е добра за лекување на некои кожни болести.
Сликата пред вас ја создаваат водопадите кои течат низ пештерата и откриваат ретка глетка.
Репортерската екипа на Анадолу ја сними внатрешноста на пештерата со дрон, а градоначалникот на Хоназ, Јуксел Кепенек, истакна дека бројката на посетители постојано се зголемува од година во година и расте популарноста на пештерата.
Голем број туристи кои доаѓаат во турската туристичка дестинација Памуккале, сѐ почесто го посетуваат и „подземното Памуккале“ во Каклик.
Температурата на водата во пештерата е од 24 до 26 степени Целзиусови.
„Кога ќе дојде зимата, можете да ја соблечете јакната и капутот и така да ја посетите пештерата. Пештерскиот туризам и посетата на пештерите станаа многу популарни во последните години. Пештерата Каклик е една од оние кои морате да ги посетите. Побарувачката е навистина голема. Се зголемува интересот за оваа пештера. Во последните три месеци пештерата беше домаќин на околу 50.000 посетители“, рече Кепенек.
Тој рече дека странските туристи, особено од Јапонија, Кореја и Кина, покажуваат голем интерес за пештерата, и дека секој кој ќе дојде во Денизли, би требало да ја погледне оваа волшебна пештера.
Туристот Рамазан Аџун, кој живее во Франција, рече дека пештерата му се допаднала уште на прв поглед.
„Убава е. Го посетив Памуккале и дојдов да ја видам и пештерата. Ова е исто место, само што овој пат сме во земја“, рече Аџун.
Берна Каракузу, посетителка од околното место Аџипајам, рече дека ѝ се допаднала атмосферата во пештерата.
„Имам егзема. Дојдов да се излечам. Ова е многу убаво место. Мислам дека сите треба да знаат за него. Секој треба да има корист од оваа лековита вода“, рече Каракузу.