Турскиот министер за надворешни работи ќе престојува во официјална посета на Велика Британија
- Министерот Хакан Фидан во Лондон ќе се состане со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами, со кој ќе има сеопфатни дискусии за билатерални и регионални прашања, соопштија дипломатски извори.
АНКАРА (АА) - Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан задутре ќе престојува во официјална посета на Велика Британија, а тоа ќе биде негова прва посета на земјата на билатерално ниво, јавува Анадолу.
Фидан ќе се состане со британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами во Лондон, каде што ќе имаат сеопфатни дискусии за билатерални и регионални прашања, соопштија дипломатски извори.
Се очекува министрите да разговараат за проширување на актуелниот договор за слободна трговија и да истражат нови можности за соработка во енергетскиот и транспортниот сектор.
Соработката во одбранбената индустрија и напорите за борба против тероризмот, исто така, ќе бидат клучни теми на разговор.
Хуманитарната криза во Газа ќе биде значајна во разговорите, со посебен фокус на предизвиците при доставувањето помош.
Се очекува Фидан да го повтори ставот на Туркије за регионалната стабилност, а ќе биде разгледана и загриженоста во врска со дејствата на Израел што ги засегаат институциите на ОН.
Тие ќе разменат мислења и за иницијативите за постигнување траен прекин на огнот во регионот и за дводржавно решение.
- Билатерални односи
Посетата се надоврзува на неодамнешните дипломатски размени, по посетата на Лами на Туркије како министер за надворешни работи на 4 март и посетата на поранешниот министер за надворешни работи Дејвид Камерон на 26 јануари.
Стратегиското партнерство меѓу Туркије и Велика Британија, воспоставено во 2007 година, продолжува да се зајакнува преку редовни контакти на високо ниво.
Двете нации одржуваат близок дијалог за регионални и глобални, како и за билатерални и мултилатерални прашања.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.