Турскиот министер Фидан: Дијалогот и соработката се пат до просперитет за идните генерации Турци и Грци
„Мисијата на претседателот Ердоган вклучува ставање настрана на историските спорови меѓу нашите земји во овој предизвикувачки период и дејствување во единство и солидарност“
АТИНА (АА) - Дијалогот и соработката се пат до просперитет за идните генерации Турци и Грци, изјави денес турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан, пренесува Анадолу.
Пофалувајќи го подобрувањето на односите меѓу Туркије и Грција во последниве две години, Фидан во интервјуто за грчкиот весник „Та Неа“ рече дека одлучноста на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и на грчкиот премиер Киријакос Мицотакис одиграла важна улога во тоа.
„Мисијата на претседателот Ердоган вклучува ставање настрана на историските спорови меѓу нашите земји во овој предизвикувачки период и дејствување во единство и солидарност“, додаде Фидан, нагласувајќи ја визијата на Туркије за претворање на Егејското Море во море на мирот.
Фидан изјави дека е неопходно на оние што го критикуваат зближувањето на Туркије и Грција да им се објасни дека националните интереси на двете земји може да се постигнат само преку пријателство и соработка.
„Се разбира, за да го постигнеме ова, треба да дејствуваме реално и да поставуваме точни дијагнози на нашите проблеми“, додаде тој.
„Демаркацијата на поморските граници не е единствен проблем“, рече Фидан, додавајќи дека меѓу двете земји постојат многу други спорови што се преплетени.
„Дојде време да се решат овие проблеми преку меѓусебно почитување и соработка“, рече тој.
Запрашан за својот однос со грчкиот министер за надворешни работи, Ѓоргос Герапетритис, Фидан ја истакна важноста на одржувањето искрен и отворен дијалог за да се спречи ескалација на кризата.
„Нормално, има многу важни работи за кои не се согласуваме. Сепак, веќе бевме сведоци на предностите од одржувањето на комуникациските канали“, рече тој.
Во врска со планот на Грција за изградба на морски парк во Егејското Море и покрај приговорите од Туркије, Фидан повтори дека Туркије е отворена за соработка со Грција за ова прашање, но прашањето за заштита на животната средина не треба да се искористува за политички цели.
Фидан остана на ставот дека има многу причини да се биде оптимист во однос на перспективите на турско-грчките односи.
„Не гледам друг начин освен дијалог и соработка за безбедноста и просперитетот на нашите идни генерации“, рече тој.
Во врска со деценискиот кипарски проблем, Фидан рече дека сите засегнати страни треба да разберат дека не доаѓа предвид „повторно обединување на островот“.
Но, сепак, може да се бара решение, а за тоа треба да се признае реалноста на теренот, додаде тој.
„Постои потреба од визија што ќе им обезбеди просперитет, безбедност, мир и суверенитет и на кипарските Турци и на Грците“, рече тој.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.