Турчин пред гласачко место во Анкара ѝ предложи брак на девојката
- Мехмет Емин Озбеј пред гласачкото место во локалното училиште ја побара за жена девојката Гизем Есин
АНКАРА (АА) - Денес во Туркије се одржува вториот круг од претседателските избори, а на гласачките места во главниот град Анкара забележана е несекојдневна понуда за брак, известува Анадолу.
Мехмет Емин Озбеј пред гласачкото место во локалното училиште ја побара за жена девојката Гизем Есин, така што ѝ подаде импровизирано гласачко ливче со заедничка фотографија и ја праша дали го прифаќа предлогот за брак.
Девојката видно изненадена, но и пресреќна, го стави печатот со знакот „ДА“ на ливчето со заедничка фотографија и потоа го „спушти“ во „гласачката кутија“.
Озбеј потоа клекна пред девојката и ѝ подари свршенички прстен, што присутните на настанот го проследија со аплауз и им посакаа среќа во животот.
Девојката во изјавата за новинарите рече дека е изненадена и дека не очекувала токму ваква понуда за брак.
„Нека ни е со среќа, и нам и на нашата држава денешното гласање. Веќе сме и онака возбудени поради изборите, ова беше дополнително изненадување“, рече девојката.
Озбеј истакна дека е среќен што девојката го прифати предлогот за брак.
„Денес во секоја смисла на сопствениот избор одлучуваме за нашата судбина. Всушност, ова помалку беше антидемократско гласање бидејќи гласањето што јас ѝ го подготвив на мојата девојка имаше само еден кандидат и само печат 'ДА'. Но важно е дека гласаше. Јас сум многу среќен“, рече низ шега Турчинот Озбеј.