Балкан

Косовската полиција од полноќ им дели предупредувања на возачите со КМ таблички

- Косовската полиција од полноќ им дели предупредувања на возачите со таблички КМ на сите гранични премини во Косово, повикувајќи ги да ги пререгистрираат своите автомобили со таблички РКС.

Info Leader Media  | 01.11.2022 - Обновена : 02.11.2022
Косовската полиција од полноќ им дели предупредувања на возачите со КМ таблички Фото: Info Leader

ПРИШТИНА (АА) - Косовската полиција од полноќ им дели предупредувања на возачите чии возила имаат регистарски таблички со ознака КМ на сите гранични премини во Косово, повикувајќи ги да ги пререгистрираат своите автомобили со таблички РКС. Се предупредуваат и возачите кои полицијата ги запрела поради контрола во внатрешноста на Косово, јавува Агенција Анадолија (АА).

Министерот за внатрешни работи на Косово Џељаљ Свечља ги повика граѓаните да ги пререгистрираат возилата со регистарски таблички РКС. Тој додаде дека на овој начин ќе се придонесе за јавната безбедност и враќањето на редот и законот во државата.

„Ги охрабрувам граѓаните да не останат заложници на политички интереси и криминални групи, туку да ги користат сите капацитети и да ги регистрираат своите превозни средства во центрите за регистрација, без разлика на живеалиштето и локацијата. Владата на Република Косово е посветена на обезбедувањето на сигурноста и владеењето на правото низ целата земја за сите нејзини граѓани“, рече Свечља.

Од 21 ноември ќе се применуваат таканаречените пробни регистарски таблички, а ден потоа табличките КМ целосно ќе бидат отстранети од употреба. Возачот на автомобил со КМ таблички од Косово, Алмир Џафке, кому косовската полиција утринава му дала писмено предупредување, за АА изјави дека без оглед на тоа нема да го пререгистрира автомобилот.

„За време на преминот кон Јариње, косовскиот полицаец ми даде опомена и ми го даде ова писмено предупредување. Ми рече дека имам три недели да ја завршам пререгистрацијата, во спротивно ќе ми пише казна од 150 евра. Донесов одлука и нема да го пререгистрирам автомобилот, а што ќе правам со возилото ќе видам“, изјави Џафке.

Забраната за употреба на табличките КМ на Косово ќе се спроведува во четири фази, од кои првата почна на полноќ и се однесува на издавање предупредувања. Оваа мерка ќе трае 21 ден, по што ќе почне изрекување на парични казни во износ од 150 евра. Во третата фаза ќе се користат таканаречените привремени регистарски таблички, а од 21 април, според одлуката на Владата на Косово, ќе бидат забранети српските регистерски таблички КМ, ПЕ, ЃА, ПР, ГЛ, УР, ПЗ и ДА, кои ги издава Министерството за внатрешни работи на Србија.


Градоначалникот на Северна Митровица, Милан Радојевиќ утринава изјави дека предупредувањата нема да го сменат ставот на Србите од Косово, особено на северот.

„Граѓаните се одлучни и нема да вршат пререгистрација на возилата со табличките на РКС. Верувам дека полицијата е свесна за расположението на народот и дека нема да не принудува да користиме таблички РКС. Живееме со полицајци од Управата од север, делиме и добро и лошо. Приштина постави неколку бази на север, донесоа специјални единици, можеме да очекуваме да изречат опомени и први казни“, рече Радојевиќ.

Состојбата на Јариње е мирна, сообраќајот се одвива непречено. Сè уште важи таканаречениот режим на налепници, кој подразбира употреба на бели налепници со кои возачите ги кријат српските и косовските симболи на нивните регистарски таблички.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın