
ИСТАНБУЛ (АА) - Туркије планира да го зголеми својот капацитет за извоз на електрична енергија во Сирија на 500 мегавати во следните шест месеци, изјави турскиот министер за енергетика и природни ресурси, Алпарслан Бајрактар, пренесува Анадолу.
Во моментов земјата извезува 210 мегавати струја преку седум локации во Сирија и има цел во февруари да го зголеми ова ниво на 300 мегавати „за поддршка на Идлиб и Африн“, рече Бајрактар во интервјуто за турскиот канал Си-ен-ен Турк.
„Од 2017 година Анкара ја снабдува Сирија со електрична енергија и гориво“, истакна Бајрактар.
Тој рече дека овој капацитет може да се зголеми на 500 мегавати во следните шест месеци, со посебен фокус на снабдувањето на Алепо.
„Природниот гас што го бараат електраните во Алепо може да се испорача со цевки од Туркије во рок од една година“, рече тој, додавајќи дека има линии за природен гас во најјужната турска област Килис.
Бајрактар ја истакна важноста на привлекувањето и турски инвеститори и меѓународни компании за поддршка на овие напори.
Тој истакна дека Сирија произведувала 630.000 барели нафта дневно во првите години од 21 век, додавајќи дека неискористениот потенцијал на земјата може да се зголеми со темелни теренски истражувања и сеизмички студии.
Моментно две турски делегации се наоѓаат во Сирија за да ја проценат енергетската инфраструктура на Сирија, истакна тој.
Башар ал Асад, лидер на Сирија речиси 25 години, побегна во Русија откако антирежимските групи ја презедоа контролата врз Дамаск на 8 декември, означувајќи го крајот на владеењето на партијата Баас, која беше на власт од 1963 година.
Преземањето се случи откако борците на Хајат Тахрир ал-Шам ги зазедоа клучните градови во молскавична офанзива што траеше помалку од две недели.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.