свет

Германски лекар обвинет за убиство на 15 пациенти

– Четириесетгодишен лекар е обвинет за убиство на 15 пациенти што биле под негово медицинско згрижување, соопштија германските обвинители во Берлин

Ayhan Şimşek  | 16.04.2025 - Обновена : 17.04.2025
Германски лекар обвинет за убиство на 15 пациенти

БЕРЛИН (АА) – Четириесетгодишен лекар е обвинет за убиство на 15 пациенти што биле под негово медицинско згрижување, соопштија германските обвинители во Берлин, јавува Анадолу.

Осомничениот лекар на одделот за палијативна нега, идентификуван само како Јоханес М., се товари дека од септември 2021 до јули 2024 година, без знаење или согласност од пациентите, им давал смртоносни комбинации на лекови.

Жртвите биле на возраст од 25 до 94 години.

Лекарот е уапсен и се наоѓа во притвор во Берлин од 6 август 2024 година откако првично е осомничен за четири смртни случаи.

Од Обвинителството во Берлин информираат дека тој сè уште нема дадено изјава за обвиненијата.

Во првичната истрага идентификувани се осум жртви до крајот на минатата година, но по проширувањето на истрагата откриени се уште седум случаи. Специјален истражен тим моментно проверува уште 75 потенцијални случаи на убиство, соопшти Обвинителството.

Во неколку случаи истражителите се сомневаат дека лекарот намерно подметнувал пожари во становите на жртвите за да ги уништи доказите.

Според весникот „Берлинер цајтунг“, осомничениот ја напишал својата докторска дисертација на Универзитетот Гете во Франкфурт на тема истражување на убиства со наслов „Убиства во Франкфурт - преглед од 1945 до 2008 година“.

По преселувањето во Берлин во 2021 година работел во палијативниот тим во Темпелхоф и во службата за нега во Кројцберг.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.