Турција

Ердоган: Проектот Патот на развојот ќе придонесе за стабилноста на Ирак и целиот регион

Ердоган ја изрази желбата на Туркије за постигнување брз напредок по прашања како што е продолжувањето на испораката на нафта преку нафтоводот Ирак - Туркије

Esra Tekin  | 08.05.2025 - Обновена : 09.05.2025
Ердоган: Проектот Патот на развојот ќе придонесе за стабилноста на Ирак и целиот регион

ИСТАНБУЛ (АА) - Проектот за Патот на развојот, предводен од Туркије и Ирак, ќе даде „значаен придонес“ за стабилноста и просперитетот и на Ирак и на целиот регион, изјави денес турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, јавува Анадолу.

На заедничката прес-конференција со ирачкиот премиер Мухамед Шиа ал-Судани во главниот град Анкара, Ердоган ја изрази желбата на Туркије да постигне брз напредок по прашањата како што е продолжувањето на испораката на нафта преку нафтоводот Ирак - Туркије.

Нагласувајќи дека неговата минатогодишна посета на Ирак даде значаен импулс на билатералните односи, Ердоган рече дека одлучноста и визијата на Судани одиграле клучна улога во достигнувањето на оваа точка.

„Дискутирани се чекорите за брза имплементација на Проектот за Патот на развојот“, рече Ердоган, упатувајќи покана до сите заинтересирани земји да земат учество во оваа стратешка иницијатива.

„На средбата се разгледани односите меѓу Туркије и Ирак, регионалните случувања, особено оние поврзани со Сирија“, додаде Ердоган.

„Со големо задоволство би сакал да го изразам ова: Ние не ги гледаме нашите односи со Ирак, со кого споделуваме длабоки историски, човечки и културни врски, само како билатерални државни работи. Развојот на соработката во сите области го сметаме за услов на нашата братска поврзаност“, нагласи Ердоган.

Посочувајќи дека мирот и стабилноста на Ирак никогаш не се разгледуваат одвоено од оние на Туркије, тој рече дека нема место за тероризмот во иднината на регионот.

„Ја потврдивме нашата одлучност за продолжување на борбата против ПКК, ФЕТО и ДЕАШ, кои претставуваат закана не само за националната безбедност на Туркије, туку и за безбедноста на Ирак“, додаде Ердоган.

Во врска со обемот на трговска размена меѓу двете земји, Ердоган рече дека минатата година обемот на трговија достигнал 18 милијарди долари.

„Преку Рамковниот договор за вода потпишан минатата година и механизмите за соработка што ги воспоставивме, се фокусираме на имплементирањето на заедничките проекти со Ирак, меѓу кои и рехабилитација на инфраструктурата“, додаде тој.

- Соработка во различни сектори -

Турскиот претседател истакна дека тие, исто така, сакаат да ја продлабочат соработката во секторот за електрична енергија и да ја прошират во други области на енергетиката, вклучително и природниот гас.

„На состанокот е разговарано и за соработката во области како што се банкарството, индустријата, образованието, меѓу кои и високото образование, и се оценети дополнителните чекори што би можеле да се преземат“, рече Ердоган.

Турскиот претседател го пофали пристапот на ирачкиот премиер Ал-Судани, кој „даде значаен придонес за регионалната стабилност“.

Нагласувајќи ја важноста на Ирак за развивање добрососедски односи со Сирија за стабилноста и мирот во регионот, Ердоган ја истакна намерата на Туркије да продолжи да работи со Ирак по ова прашање.

Во врска со тензиите меѓу Пакистан и Индија, Ердоган рече дека Анкара работи на смирување на кризата пред да стигне „до точка од која нема враќање, и покрај напорите на некои да ја разгорат“.

Ирачкиот премиер Ал-Судани, од своја страна, рече дека Проектот за Патот на развојот претставува голема можност за зајакнување на интегрирањето меѓу Туркије и Ирак.

Истакнувајќи ги последиците од агресивната политика на Израел што започнаа во Газа, а подоцна се проширија во Либан и Сирија, Ердоган рече: „Израел мисли дека може да ја осигури сопствената безбедност со давење на регионот во крв, солзи и нестабилност, но со текот на времето ќе станува сè појасно дека ова е чиста илузија“.

Укажувајќи на хуманитарната катастрофа во Газа, Ердоган рече дека со целосното стопирање на влезот на хуманитарна помош од страна на Израел, опасноста од глад достигна катастрофално ниво што може да доведе до масовно умирање.

„Мојот драг брат и јас се согласивме за потребата да направиме сè што е во наша моќ, меѓу кое и зголемување на притисокот врз Израел“, додаде тој.

„Туркменците, кои отсекогаш го бранеле единството и интегритетот на Ирак, денес продолжуваат да придонесуваат за зајакнување на односите и на Ирак и на односите меѓу Ирак и Туркије, и покрај сите потешкотии. Длабоко ја ценам сензитивноста на мојот брат Ал-Судани кон заштитата на правата и интересите на Ирачаните“, додаде турскиот претседател.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın