Анализа на вести

АНАЛИЗА - Балканската турнеја на Ердоган: Како економските односи ја стабилизираат политиката на Балканот?

Туркије одржува урамнотежена и стабилна политика во регионот. Особено територијата, интегритетот и суверенитетот на Босна и Херцеговина и Косово се од витално значење за мирот и стабилноста на Балканот.

Dilek Kütük  | 09.09.2022 - Обновена : 11.09.2022
АНАЛИЗА - Балканската турнеја на Ердоган: Како економските односи ја стабилизираат политиката на Балканот?

Пишува: Дилек Кутук

‒ Авторката е докторант на Универзитетот „Медениет“ во Истанбул, со претходно работно искуство во различни тинк-тенкови.

ИСТАНБУЛ (АА) ‒ За време на посетата на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на Сараево, членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељко Комшиќ, рече дека „турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и политиката на Туркије се една од ретките работи за кои сите членови на Претседателството на Босна и Херцеговина се согласуваaт. Треба да се нагласи стабилизирачката улога на Туркије во Босна и Херцеговина, но и во целиот регион.

Овие зборови, како достигнување на турската надворешна политика на Балканот што трае повеќе од 20 години, доаѓаат од политичар на земја во која политичката структура е поделена на три етникуми.

Затоа, пред мини-балканската турнеја, претседателот Ердоган даде изјава дека се сведоци на тоа што балансираниот и правичен однос на неговата земја го ценат сите народи на овие простори. Тој рече дека таквиот став ќе го задржат и во наредниот период.

Туркије одржува урамнотежена и стабилна политика во регионот. Особено територијата, интегритетот и суверенитетот на Босна и Херцеговина и Косово се од витално значење за мирот и стабилноста на Балканот, според турската надворешна политика.

‒ Важни посети на Балканот ‒

Во последните години, особено во периодот по пандемијата, економијата и политиката се испреплетени на глобално ниво. Имајќи предвид дека економската моќ се претвора во политичка моќ, Туркије може повеќе да се вклучи во регионалните политички прашања со зголемување на нејзиниот економски и инвестициски капацитет во целиот регион.

Туркије организира последователни посети на регионот во рок од една недела, на 2 септември 2022 година турскиот министер за надворешни работи, Мевлут Чавушоглу, го посети Белград за да учествува на Самитот на иницијативата „Отворен Балкан“. Иницијативата главно се опишува како „важен економски проект“ и ги опфаќа Албанија, Северна Македонија и Србија. Неколку дена подоцна, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган тргна на тридневна балканска турнеја од 6 до 8 септември за да се обиде да посредува во регионалните проблеми и да ги унапреди економските односи.

Може да се забележи дека економската соработка беше во фокусот на посетата на Ердоган со делегацијата од околу 200 бизнисмени со оглед на тоа што турските компании ги зголемија инвестициите во инфраструктурни проекти низ регионот. Бизнис-форуми се планирани во Сараево, Белград и Загреб, а Ердоган ја нагласи целта да ги подобрат нивните економски односи со речиси сите.

Туркије во секоја земја помина долг пат во однос на обемот на трговска размена и инвестициите откако АК Партијата ја презеде власта во 2002 година. Како една од најважните инвестициски сили, Туркије инвестира 265 милиони долари во Босна Херцеговина во 2021 година, а обемот на трговска размена се зголеми на приближно 600 милиони долари истата година. Обемот на билатерална трговија достигна 3 милијарди долари меѓу 2017 и 2022 година.

Аналитичарите велат дека економските односи меѓу Србија и Туркије се на највисоко ниво во поновата историја. Српскиот претседател Вучиќ го опишува овој период како златен период во кој двете земји постигнале голем напредок. Обемот на трговска размена достигна 1,73 милијарди долари во 2021 година, а увозот од Туркије е зголемен за 43 отсто. Во Србија има околу 700 турски компании, кои вработуваат околу 10.000 луѓе.

Според говорот на Ердоган, обемот на трговска размена меѓу Туркије и Хрватска надмина 760 милиони долари во првите осум месеци од 2022 година. Tуркије има за цел да ја постигне целта од 2 милијарди долари.

Туркије со години води успешна политика бидејќи зајакнувањето на економските односи води кон политичка соработка и регионална стабилност. Иако некои од администрациите на балканските земји се променија со текот на времето, билатералните односи останаа исти и потребата за економски инвестиции на Туркије не се намали.

‒ Статусот на посредник на Туркије добива почит на Балканот ‒

Во изминатите години, меѓународниот систем постојано произведува кризи кои им го отежнуваат одржувањето на мирот и стабилноста на државите. Така, потребата за посредници или медијатори расте секојдневно.

Откако започна војната меѓу Украина и Русија, визијата на Анкара да ги одржува отворени дипломатските линии со Русија резултира со тоа што Туркије беше домаќин на официјални состаноци на највисоко ниво меѓу Москва и Киев.

Додека светот доживува еден вид хаос, кој предизвикува енергетски и земјоделски кризи, неодамнешната улога на Туркије во успешното склучување на договорот за жито со Украина ѝ ја додели титулата потенцијален посредник. Во примената на теоријата на социјалниот идентитет, улогата на медијатор има значајна важност за Туркије да достигне повисок статус во меѓународниот систем на големите сили, особено во време на кризи и потешкотии. Нејзините политики за статус ѝ помагаат на земјата за престиж во посредувањето каде што постигнува подобри резултати од многу земји.

Додека Туркије води балансирана политика меѓу балканските земји, нејзината посредничка позиција е јасно почитувана од регионалните лидери. На пример, говорејќи на заедничката прес-конференција во Сараево со претставниците на тричлениот Претседателски совет на Босна и Херцеговина, бошњачкиот член Шефик Џаферовиќ високо ја оцени улогата на Туркије во посредувањето меѓу Русија и Украина во решавањето на кризата со житото.

Српскиот претседател Вучиќ му се заблагодари на Ердоган за посетата на неговата земја и рече: „Разговаравме за ситуацијата во Украина, разговаравме и за невоведувањето [санкции] и воопшто за санкциите кон Русија, разговаравме и за енергетиката и го замолив претседателот Ердоган да ни помогне.“

Претседателот на Република Хрватска, Зоран Милановиќ, по средбата со турскиот претседател рече: „Разговаравме за повеќе теми: Босна и Херцеговина, војната во Украина, позицијата на Туркије, која е деликатна и единствена, нејзината улога како врска и посредник, како и за размената на стоки.“ Тогаш Милановиќ се понуди да направи чекор напред во однос на економските односи за тоа да биде адекватно.

Генерално, соработката со Русија на економско и безбедносно поле покажува дека Туркије ги намалува тензиите во новиот хаотичен светски поредок. Во регионот на Балканот, односите на Туркије со земјите се карактеризираат со зголемување на обемот на трговска размена и инвестициите, со ублажување на споровите и тензиите помеѓу тие земји како позиција во согласност со турската надворешна политика во последните години.

* [Мислењата изразени во овој текст се на авторката и нужно не ја рефлектираат уредувачката политика на Агенција Анадолија]


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.