Анализа на вести

АНАЛИЗА - Посредничката улога на Туркије во спречувањето на глобалната криза со храна

Додека светот е сведок на криза за храна, Туркије навремено и ефективно одговори на пораката на генералниот секретар на ОН за глобална соработка и солидарност со коридорот за жито. Можно е Анкара да ја претвори оваа можност во долгорочна политика.

Hilal Enver, Pinar Akpinar  | 15.09.2022 - Обновена : 19.09.2022
АНАЛИЗА - Посредничката улога на Туркије во спречувањето на глобалната криза со храна

Авторки: Хилал Елвер, Пинар Акпинар

- Хилал Елвер ‒ поранешна специјална известувачка на ОН за правото на храна и членка на Комитетот за светска безбедност на храната; Пинар Акпинар ‒ менаџерка на Програмата за акционо истражување при Универзитетот „Сабанџи“ во Туркије.

ИСТАНБУЛ (АА) ‒ Руската воена операција против Украина која започна на 24 февруари создаде реперкусии низ целиот свет, прво погодувајќи го украинскиот народ, па земјите кои излегуваат на Црното Море и се граничат со Европа, при што почна да се шири на поголем географски простор.

И покрај тоа што Туркије остана неутрална од почетокот на војната и беше домаќин на преговори меѓу страните, длабоко вкоренетите конфликти меѓу двете земји и елементите, како што е фактот дека западните земји се страни во конфликтот во согласност со нивните различни интереси во регионот, негативно влијаеја на разговорите и војната, која се очекуваше да заврши побрзо.

‒ Како Руско-украинската војна влијаеше на кризата со храна? ‒

Значајните улоги на завојуваните страни, Украина и Русија, во извозот на жито низ светот, предизвикаа цените на пченицата, кои веќе беа во пораст од јануари оваа година поради пандемијата на Ковид-19, да се зголемат за два или трипати. Оваа ситуација создаде паника во целиот свет, особено во Египет и Либан, земјите чија потрошувачка на пченица главно се базира на увоз, како и во африканските земји, кои немаат обезбедена храна и кои зависат од помошта во храна од другите. Всушност, кризата со глад достигна уште потешки димензии и пред војната со влијанието на пандемијата, почнувајќи од спојувањето на многу фактори како што се климатските промени, сушата и економските флуктуации.

Руско-украинската војна не само што влијаеше на цените на пченицата, јачменот, овесот, 'ржта, пченката и сончогледовото масло, туку резултира и со големо зголемување на цените на ѓубривата, при што директно и индиректно беа погодени земјите со ниски приходи или оние кои зависат од увозот на храна. Се проценува дека ќе има сериозни намалувања на земјоделското производство во Украина за следната година, вклучително и во претстојната сезона на сеидба и жетва, поради фактот што војната сѐ уште трае и тешкотиите со кои се соочуваат земјоделците при садењето на нивните ниви и проблемите со увозот. Дополнително, фактот што Русија е многу важен производител во секторот на вештачки ѓубрива и суровини, предизвикувајќи многу култури од добиточна храна до палмово масло да се намалат низ целиот свет од Бразил и Аргентина до Индонезија, се очекува ова да продолжи и во наредните години. Од изјавите на генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, дознаваме дека поради ваквиот развој на настаните влеговме во криза за храна.

Гутереш ги предупреди светските лидери дека ќе избие криза за храна, финансии и енергија и „ќе се претвори во совршена бура“. Во последните неколку месеци беа одржани вонредни состаноци за ова прашање. Кризата за храна и стравот од глад го заземаат првото место на агендите на платформите како Г7 и Г20, како и на состаноците што ги одржуваат Светската банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ). Светските лидери се поканети да работат во координација и глобална солидарност. Во оваа насока, развиените земји се предупредуваат дека треба да им помогнат на земјите кои сѐ уште се во развојна фаза во овие тешки времиња, да го напуштат национализмот со храната, да се држат настрана од извозните ограничувања, да се откажат од политиките кои негативно ќе влијаат на глобалната трговија со храна, да ја зголемат социјалната помош за ранливите сегменти, диверзификацијата во земјоделството и поддршката на локалното производство.

‒ Важноста на Црното Море во трговијата со храна ‒

Додека сево ова е во тек, сѐ повеќе е јасно колку е важно Црното Море во светската трговија со храна. Потсетувајќи дека Туркије е клучна земја во Црното Море со нејзиниот теснец, тоа го нагласува и геополитичкото значење на земјата.

Важноста на Црното Море и теснецот во светската трговија со жито всушност беше разбрана за време на Првата светска војна. Кога Османлиската Империја влезе во Првата светска војна во 1914 година и го затвори теснецот Чанаккале, рускиот извоз на жито во Европа мораше да престане, а оваа рута беше повторно отворена со посебни договори. Оваа историска ситуација се повтори со тековната Руско-украинска војна, а Туркије предложи отворање коридор за жито низ Црното Море за да се спречи опасноста од глад на Блискиот Исток, Северна Африка и Сахарска Африка.

‒ Посредничката улога на Туркије ‒

Првиот договор, со кој се регулира транспортот на жито низ Црното Море, беше потпишан на 22 јули 2022 година во Истанбул со посредство на Туркије и со присуство на генералниот секретар на ОН. Потоа, на 26 јули во Истанбул беше формиран заеднички координативен центар. Договорот имаше реперкусии, при што им овозможи на министрите за национална одбрана на Русија и Украина, кои сè уште се во војна едни со други, да седнат на преговарачка маса и ѝ овозможи на Туркије да обезбеди важна дипломатска победа во светот. Тоа покажа колку на страните им е потребен овој коридор и покрај тоа што Русија го бомбардира пристаништето Одеса само еден ден пред потпишувањето на договорот.

До достигнувањето на оваа точка, Туркије спроведуваше повеќеслојна надворешна политика во процесот на Руско-украинската војна. Туркије претходно успеа да воспостави регионално упориште и влијание во земјите како Сомалија и Авганистан. Земјата, исто така, разви имиџ на одговорен, неутрален и релевантен актер во тековниот случај со Украина, додека продолжува со активностите за посредување и хуманитарна помош, како и обезбедувајќи воена поддршка за Украина преку нејзините вооружени беспилотни летала „Бајрактар ТБ2“. Имајќи ги предвид амбициозните потези на Туркије за време на процесот на аплицирање за членство во НАТО на Шведска и Финска, не би било погрешно да се каже дека Анкара води надворешна политика насочена кон зголемување на нејзиниот престиж и сфера на влијание на меѓународната сцена во овој период. Посредничката улога што земјата ја одигра во преговорите за коридорот за жито може да се смета и како дел од неодамнешната дипломатска офанзива на Туркије. Во оваа смисла, сведоци сме дека Туркије се движи кон линија во која елементите на меката моќ се користат на порамномерен начин во споредба со линијата на надворешната политика каде што елементите на тврда моќ и безбедноста доаѓаат во прв план. Нејзиното успешно посредување во разговорите за коридорот за пченица, особено со западните сојузници, помогна на оштетените односи да дојдат на патот на нормализација во последниве години и ѝ даде на Туркије поголема визибилност на меѓународната сцена.

‒ Иднината на коридорот за жито ‒

Со отворањето на коридорот за жито, Украина ќе може да ги испразни своите магацини за нови жетви и да го задржи протокот на „свежи пари“ со извоз на околу 20 милиони тони производи што ги чува од почетокот на војната. Русија, пак, ќе ја отвори вратата за ослободување од економското ембарго што ѝ го наметнаа западните земји. Сепак, иако првата имплементација на договорот започна на 2 август со поаѓање на египетски брод од пристаништето во Одеса кон Либан, тешкотиите во поморскиот сообраќај продолжија и понатаму поради тековната војна. На пример, осигурителните компании претходно ја прогласија потребата од расчистување на мините и меѓународна заштита како услов за испорака на житото. Меѓутоа, по договорот за коридорот за жито, тие ги укинаа овие услови. Сепак, бидејќи премиите за осигурување во Црното Море се зголемија за најмалку 5 отсто од почетокот на војната, ова зголемување се очекува да се одрази на цените на житото.

Покрај тоа, од почетокот на војната, многу бродови со жито и други стоки беа блокирани во пристаништето во Одеса. Со стапувањето во сила на договорот, многу од нив ќе можат да ги напуштат украинските пристаништа. Меѓутоа, Меѓународната поморска организација на ОН (IMO) смета дека е невозможно да се нормализира бродскиот сообраќај доколку не е цврсто воспоставена безбедноста во однос на мините.

Прашањата не се ограничени само на тоа. Исто така, многу е тешко да се најдат луѓе да работат на бродовите и во пристаништата, освен ако не се осигура безбедност во сегашната ситуација. Во Украина се концентрирани 4 отсто од морнарите во светот, односно 1,88 милиони морнари. Бидејќи ризикот е многу висок поради војната што сè уште трае, се очекува и платите на вработените да бидат многу високи. Ова укажува на тоа дека цените на житото можеби нема да паднат, и покрај повторното отворање на морската рута.

‒ Улогата на Туркије во глобалната политика ‒

Додека светот е сведок на нова криза за храна, Туркије навремено и ефективно одговори на пораката на генералниот секретар на ОН за глобална соработка и солидарност со коридорот за жито. Можеби е можно Анкара да ја претвори оваа прилика во долгорочна политика. Со оглед на негативното влијание на наглото зголемување на цените на храната врз турската економија, може да се каже дека ова посредување има многу позитивно влијание и врз внатрешната политика на земјата. Кога ќе се земе предвид дека кризата со храна се очекува дополнително да се зголеми во следните години, вклучувањето на ова прашање во посредничкото портфолио на Tуркије и фактот дека таа е еден од најважните земјоделски трговски центри во светот може да ѝ понуди на земјата можност да се истакне на платформите за меѓународна социјална политика и политика за храна на кои досега не им даваше голем приоритет. Во овој поглед, договорот за коридорот за жито може да ја премести посредувачката улога на Анкара од регионално на глобално ниво.

* [Мислењата изразени во овој текст се на авторките и нужно не ја рефлектираат уредувачката политика на Агенција Анадолија (АА)]


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.