Бројот на загинати се зголеми на 59 лица, 155 се повредени
- Бројот на загинати во пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани се зголеми на 59, а повредени се 155 лица, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски

КОЧАНИ
КОЧАНИ (АА) - Бројот на загинати во пожарот што избувна во дискотеката „Пулс“ во Кочани се зголеми на 59, а повредени се 155 лица, изјави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, известува Анадолу.
Од лицата што го загубија животот во пожарот идентификувани се 35 лица, од кои 31 се од Кочани и четири од Штип.
Во изјавата за медиумите министерот Тошковски наведе:
„Досега се извршени разговори со 10 хоспитализирани лица, со еден член од групата ДНК. Распишана е централна потерница по четири лица. Се испитува и документацијата за дозволите на дискотеката издадени од Министерството за економија.“
Тошковски информираше дека меѓу загинатите во пожарот има и еден полицаец што вршел контрола за откривање дрога.
Се дознава дека е приведен еден од сопствениците на дискотеката.
Министерот Тошковски претходно соопшти дека причината за пожарот се искри од пиротехнички средства што се користат за светлосни ефекти.
„При активирањето искрите најверојатно го фатиле таванскиот дел кој бил од високо запалив материјал, па за многу краток период пожарот се проширил низ дискотеката, создавајќи густ чад“, изјави Тошковски.
Тој рече и дека пожарот бил пријавен во полиција околу 02:35 часот и дека се преземаат сите мерки за утврдување одговорност за оваа трагедија.