политика, Балкан

23 години од потпишувањето на Охридскиот договор, кој стави крај на воениот конфликт во Северна Македонија

На 13 август 2001 година најголемите политички партии во земјата, заедно со претставниците на ЕУ и на САД, го потпишаа Охридскиот рамковен договор

Dzihat Aliju  | 12.08.2024 - Обновена : 13.08.2024
23 години од потпишувањето на Охридскиот договор, кој стави крај на воениот конфликт во Северна Македонија

СКОПЈЕ (АА) – Во Северна Македонија се навршуваат 23 години од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, со кој беше ставен крај на вооружениот конфликт во земјата, пишува Анадолу.

Воениот конфликт во Република Северна Македонија од 2001 година започна на почетокот од годината, меѓу Ослободителната народна армија (ОНА) и безбедносните сили на Република Северна Македонија. Конфликтот продолжи во поголем дел од 2001 година, а заврши со потпишувањето на Охридскиот рамковен договор во август истата година, со кој беа унапредени правата, првенствено на Албанците, но и на другите немнозински етнички заедници во земјата (Турци, Бошњаци, Срби, Власи и Роми).

Првиот Устав донесен по осамостојувањето од Југославија донесе одредени ограничувања на правата на другите заедници во земјата, особено на Албанците.

Албанците, барајќи право на високо образование на својот мајчин јазик, во 1994 година основаа свој универзитет. Ова движење не беше поддржано од тогашната Влада и зградата на универзитетот беше урната од полицијата. Во судирот што изби едно лице загина, а голем број луѓе беа повредени.

Албанците, кои инсистираа да се користи и албанското знаме, во 1997 година ставија свои знамиња на општинските згради во Гостивар и Тетово, каде што живеат во голем број. Но владините претставници го прогласија за незаконско ставањето на знамињата и ги симнаа. Полициската интервенција доведе до нови апсења и смртни случаи.

- Патот што водеше до Охридскиот договор -

Внатрешните превирања почнаа со напад на група вооружени Албанци врз полициската станица во селото Теарце во градот Тетово на северозападот на земјата на 22 јануари. Еден полицаец го загуби животот, а тројца полицајци беа повредени. Групата наречена Ослободителна национална армија (ОНА) ја презеде одговорноста за нападот.

Судирите продолжија и во другите градови во земјата со различен интензитет во текот на пролетните месеци.

Генерален договор за прекин на огнот беше постигнат на 5 јули, со посредство на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) и НАТО. Потоа двете страни повеќепати го прекршија договорот.

Во настаните меѓу 22 јануари и 12 ноември 2001 година стотици луѓе од двете страни ги загубија животите, а десетици илјади се раселија.

Судири избувнаа и во северниот и северозападниот дел на земјата, како и во околината на главниот град Скопје. Насилни инциденти се случија во различни градови во земјата.

- Охридски рамковен договор -

На 13 август 2001 година најголемите политички партии во земјата, заедно со претставниците на Европската Унија (ЕУ) и на Соединетите Американски Држави (САД), го потпишаа Охридскиот рамковен договор, со што се стави крај на внатрешните превирања.

Со Договорот се стави крај на конфликтот и се поставија темелите за зголемување на правата на етничките Албанци во земјата.

Во Договорот, покрај тоа што албанскиот јазик стана службен јазик, беа опфатени и развојот на локалните самоуправи, недискриминацијата, правичната застапеност, спроведувањето на посебните собраниски процедури за прашања, како што се јазикот, културата, образованието и симболите.

Со Законот за употреба на јазиците одобрен од Собранието на Северна Македонија на 11 јануари 2018 година, со кој се предвидува албанскиот јазик да биде официјален јазик покрај македонскиот, тој стана втор официјален јазик во државата на 15 јануари 2019 година.

Одлучено е и јазикот што го говорат повеќе од 20 отсто од населението во кој било град во земјата, освен македонскиот, да биде службен јазик.

Во контекст на имплементацијата на договорот, во 2004 година беше формиран Секретаријат за спроведување на Охридскиот рамковен договор, кој функционираше во рамките на Владата. Потоа Секретаријатот се трансформира во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

- Турците во Охридскиот договор -

Турците, кои сочинуваат околу четири отсто од населението во земјата, велат дека „не им се дадени доволни права“ и покрај тоа што поминаа 23 години од Договорот.

Турците во Северна Македонија, кои се сметаат себеси за државотворни, сакаат да бидат позастапени на државно ниво, особено во локалната администрација.

Турците како „трета по големина заедница во Северна Македонија“ нагласуваат дека Охридскиот договор треба да се ревидира и дека во него треба да се вклучат и Турците.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.