Балкан

Бакир Изетбеговиќ: Целиот живот на Алија е порака, сметаше дека семејството е најголема вредност

Бакир Изетбеговиќ, претседател на Партијата за демократска акција (СДА) и син на Алија Изетбеговиќ, за Анадолу зборуваше за својот татко, неговиот живот и дела, неговиот однос кон странските претставници и неговата улога во најтешките времиња во БиХ

Vesna Besic  | 18.10.2024 - Обновена : 18.10.2024
Бакир Изетбеговиќ: Целиот живот на Алија е порака, сметаше дека семејството е најголема вредност Фото: АА

САРАЕВО (АА)

- Весна БЕШИЌ


Мислител и филозоф, хуманист и правник, државник на кој Истокот му се восхитуваше, а Западот го почитуваше, прв претседател на независна Босна и Херцеговина, врховен командант на Армијата на РБиХ, доживотен борец за човекови права и слобода. Вака покојниот Алија Изетбеговиќ го опишуваат лидерите на бројни држави, пријатели, поранешни соработници...

Бакир Изетбеговиќ, претседател на Партијата за демократска акција (СДА) и син на Алија Изетбеговиќ, во разговор за Анадолу зборуваше за својот татко, неговиот живот и дела, неговиот однос кон странските претставници и неговата улога во најтешките времиња во Босна и Херцеговина, војната во 1990-тите.

Животот и делото на Алија Изетбеговиќ и 21 година по неговата смрт се своевиден пример за многу луѓе, не само во Босна и Херцеговина, туку и во многу други земји. Неговите совети според кои се водат луѓето во Босна и Херцеговина и светот се многубројни.

„Неговата книга 'Моето бегство во слободата' би им ја препорачал на младите, бидејќи Алија Изетбеговиќ всушност ја напишa во затвор, кога имал многу време. Тоа се неговите размислувања, неговите совети, но и мисли на другите луѓе, преглед на историските настани, дури и на географските факти. Тој беше исламски писател и мислител, но беше и државник и војсководец кој создаде армија по 500 години, а која во неверојатни услови успеа да совлада посилни армии од себе, да направи држава“, истакна Изетбеговиќ.

Тој смета дека е навистина потребно запознавањето со делото и мислата на Алија Изетбеговиќ.

„Всушност, целиот негов живот е порака, дека ако ги имаш вистинските вредности, со вистинското уверување, упорност и трпение, сѐ може да се надмине. Тоа е пораката на животот на покојниот Алија Изетбеговиќ. Комунистичкиот свет кој оттука отиде во Кина, Сибир, Индокина изгледаше непремостлив, а ние бевме внатре во него. Тој ги одземаше животите и слободата на луѓето како што сакаше. Еден испревртен систем кој се повикуваше на социјалната правда, а за сето тоа да го претвори во ужасни неправди, концентрациони логори, а притоа не дозволуваше критика. За еден збор се одеше во затвор. Алија Изетбеговиќ му се спротивстави и двапати беше на робија, меѓу затворските ѕидови“, потсети Изетбеговиќ.

Еден ден, како што рече тој, исчезна тој комунистички свет.

„Тогаш Алија Изетбеговиќ излезе на слобода и стана претседател. Еден мал човек преовлада. Слично се случи и со опколеното Сараево. Значи, тоа веќе не се затворски ѕидови, туку имаме опколено Сараево, а Алија Изетбеговиќ е во зградата на Претседателството, која доби 206 директни удари со артилериско оружје. Во тоа време беа ранети личните придружници на Алија Изетбеговиќ, некои тешко. Три станови кои ги беше сменил за време на војната, беа погодени и запалени, исто така три автомобили во кои се возел. Тој го издржа сето тоа. Еден ден, ја немаше веќе таа сила која го држи Сараево под опсада, ја немаше таа армија која изврши геноцид, а покојниот Алија остана. Тоа е пораката на неговиот живот“, истакна Изетбеговиќ.


- Алија Изетбеговиќ во приватниот живот

За Алија Изетбеговиќ раскажуваат неговите дела достапни на јавноста. Сепак, малку се знае за неговиот приватен живот.

„Тој не беше човек кој толку лесно даваше совети. Го пишуваше тоа што сметаше дека на луѓето би им било корисно или интересно, но 'не паметуваше многу', можам така да кажам. Да, со неговиот начин на живот. Никогаш не ме ставаше пред себе да ме советува многу. Беше добар и толерантен татко. Ми дозволи да направам некои грешки, да учам од нив и малку да се изгорам во животот. А таквите искуства најдобро го водат и поучуваат човекот. За мене тој беше како сидро за кое секогаш се држев, за кој знаев дека може да реши сѐ. Значи, можеше да ги реши семејните и можеби моите проблеми, проблемите на народот кој е изложен на агресија. Тоа беше покојниот Алија Изетбеговиќ, добар, добронамерен, способен човек кој простува и пружа рака секогаш одново. Со кој не сте само татко и син, туку и пријател со кој можете да разговарате за што било. Беше идеален и трпелив соговорник за различни теми“, изјави неговиот син за Анадолу.

Најмногу врежани во сеќавањето му се спомените од раното детство.

„Многу го сакав. Само сакав да го видам. Тој често беше отсутен, па ми недостасуваше. Градеше некои централи во Црна Гора, па го немаше со месеци. Се будам наутро, и тој е во кревет до мене. Тоа се некои од првите спомени кои ги паметам. Многу работи поминавме заедно и имам многу спомени кои се и тешки и убави“, вели Изетбеговиќ.

Тој се присетува дека имало многу убави и лоши, среќни и тажни моменти коишто ги поминале заедно.

„Алија Изетбеговиќ помина девет години затвор, два затвори, две војни, геноцид“, вели Изетбеговиќ.

Според него, најтажно време бил почетокот на летото 1992 година, кога вооружените сили масовно влегле во Босна и Херцеговина и биле формирани концентрациони логори и започнало убивањето.

„Алија не можеше да го спречи тоа. Кулминацијата беше неколку години подоцна, во Сребреница. Веројатно беше најтешкиот ден за него, кога му кажаа за падот на Сребреница, дека ги носат луѓето, дека тие исчезнуваат, дека се регистрираат места на масовни убиства и гробници, а НАТО не сака да реагира. Тоа е веројатно најтежок момент“, расакажа Изетбеговиќ.

Тој се присетува и на убавите моменти, кога неговиот покоен татко бил среќен човек.

„Тој беше семеен човек, многу приврзан за семејството. Веруваше дека тоа е најголемата вредност. Веруваше дека најважно е мажот да го чува своето здравје и семејството. Тој нѐ сакаше многу, а и ние него. Тука е моментот на доаѓањето на првото внуче. Чекавме пред болницата, а кога слушна дека неговата најстара ќерка родила здраво дете и дека и таа е добро, мислам дека тогаш го видов најопуштен. Подоцна имаше други големи настани. Алија од затвореник стана претседател. Имаше некои конверзии во неговиот живот. Имаше и успеси на нашата Армија за време на војната, имаше моменти кога беше расположен. Сепак, мислам дека неговото добро расположение беше врзано за некои обични работи, да поминува време со семејството, да оди на патување со пријателите, внуците“, изјави Изетбеговиќ.


- Алија Изетбеговиќ и Јасер Арафат

Додека работевме на подготовка на содржината по повод годишнината од смртта на покојниот Алија Изетбеговиќ во Архивот на Босна и Херцеговина, го најдовме неговото писмо упатено до поранешниот палестински претседател Јасер Арафат. Изетбеговиќ потсети на ставот на неговиот покоен татко кога станува збор за Палестина и палестинскиот народ пред повеќе од пет децении.

„Покојниот Алија Изетбеговиќ и Јасер Арафат имаа многу добри односи, разбирање и симпатии. Двајца упорни борци кои претрпеа тешки искушенија борејќи се, едниот за слобода тука во Босна и Херцеговина, а потоа за самата држава Босна и Херцеговина, а другиот за слободата на Палестинците и државата на Палестинците. Многу добро се разбираа. Некако заедно си заминаа. Тука се последните писма што покојниот Алија Изетбеговиќ му ги испратил на Арафат од болницата, можеби 15 дена пред да замине во подобар свет, и одговорот на Јасер Арафат“, рече Изетбеговиќ.

Кога станува збор за Палестина, тој истакна дека пред 55 години покојниот претседател Изетбеговиќ направил релативно краток, но концизен преглед на генезата на она што во тоа време се случувало на тој простор.

„Многу добар материјал и дијагноза на ситуацијата која не е многу променета во овие 50 години, агресијата на Израел против Палестина и Палестинците која само се интензивираше. Алија Изетбеговиќ наведува дека всушност се работи за еден насилен концепт, обид да си дадат себеси поголеми права отколку што има остатокот од човечката раса. Да си дозволиш како избран народ нешто што на никој друг не му е дозволено, што деновиве кулминира во Газа. Алија Изетбеговиќ констатираше дека вината е и на Арапите и на муслиманите воопшто што преку својата слабост му дале право на Израел да се однесува вака. Навистина да мисли дека може да дојде на туѓа територија, да ја киднапира, да краде имот на луѓето, да ги избрка од нивните домови, да ги стави во затвор, да им ги одземе животите, како што гледаме сега во Газа. Тој сметаше дека слабоста и лошата реакција ги охрабриле Израелците конечно да се обидат да го довршат проектот „Голем Израел“. Алија пред 55 години ги повика Арапите и муслиманите поради себе и поради Евреите да зајакнат и да го дадат вистинскиот одговор“, истакна Изетбеговиќ.

Тој потсети дека покојниот претседател тогаш ги повикал Арапите и муслиманите да создадат мир и ред во Палестина и во самиот Ал Кудс (Ерусалим), кој не им припаѓа само на Евреите.

„Луѓето секогаш се повлекуваат пред силен силеџија. Ова го гледаме постојано низ историјата. Видовме и кога Хитлер го правеше тоа што им го направи на Евреите, како другите се повлекоа пред него. Дури и во тоа време Евреите не беа добредојдени во некои земји. Не добија азил за да не го налутат Хитлер. Тој потраја десет години и замина. Бог на сите им дава време, а потоа го одзема. Мислам дека слично нешто ќе се случи и со Израел, само што овој пат веројатно ќе биде многу драматично“, изјави Изетбеговиќ за АА.

Тој мисли дека на Блискиот Исток може да се случат многу лоши сценарија.

„Меѓутоа, мислам дека овој пат луѓето нема да отстапат пред насилството на Израел. Ако продолжи вака, Израел ќе влезе во конфликти со Либан, соседните земји, Иран, што може да се претворат во агонија за Израел. Се надевам дека нема да стигнеме до некое библиско сценарио, Армагедон итн. Треба да се направи сѐ за да се запре Израел, да им се помогне на Евреите да добијат држава која може да живее во мир со нивните соседи. Не е целта или решението да се укине Израел, неопходно е да се направи она што го бараат Обединетите нации - две држави кои живеат во мир една до друга“, истакна Изетбеговиќ.

Изетбеговиќ смета дека Израел може да живее во мир со своите соседи.

„Меѓутоа, тој се обидува да доминира, совлада, убива, со сила го зема она што мисли дека е негово право. Тоа е всушност фашистичка идеологија која мисли дека има право на овие работи. За жал, ционистите не научија од сопственото искуство. На своја кожа почувствуваа што е фашизам, а сега прават слични работи“, рече Изетбеговиќ.


- Односот меѓу Алија Изетбеговиќ и Реџеп Таип Ердоган

Позната е приказната за посетата на актуелниот турски претседател Реџеп Таип Ердоган на Алија Изетбеговиќ додека бил во болница.

„Ние како семејство имаме различни врски со Туркије. Меѓу другото, бабата по мајка на Алија е од Ускудар во Туркије. Алија е делумно и генетски поврзан со Турците. Сепак, мислам дека повеќето Турци не знаат за овој факт, но препознаа нешто во него. И ден-денес на неговиот гроб има луѓе од Туркије. Веројатно тоа е така бидејќи беше добар муслиман, интелектуалец, а со сето тоа и воин кој ја водеше својата земја до победа“, објасни Изетбеговиќ.

Тој истакна дека Турците многу го сакаат животот и делото на Алија Изетбеговиќ, а тој многу го сакал Истанбул.

„Тоа беше градот во кој со задоволство одеше. Потоа доаѓа Реџеп Таип Ердоган, харизматичен, во тоа време веројатно најдобриот градоначалник на светот, кој ги решава хроничните проблеми на Истанбул, кои изгледаа нерешливи. Тогаш Ердоган стана многу успешен премиер на Туркије, кој исто така ги решаваше проблемите на таа земја, ја враќаше самодовербата, демократијата и слободата на Туркије. Алија го препозна како таков. Тие двајца се слични, и како муслимани во политиката, кои се осврнуваа на некоја муслиманска, исламска агенда. Кои не се срамеа од тоа и кои ги разбиваа комплексите на својот народ низ тоа“, порача Изетбеговиќ.

Додека покојниот Алија Изетбеговиќ лежеше во болница, Ердоган го посети.

„Тој му се јави на Ердоган, кој дојде кај него можеби ден-два пред неговата смрт. Му остави аманет да се грижи за Босна и Херцеговина. Алија Изетбеговиќ процени дека Ердоган нема да го издаде аманетот. Има многу луѓе кои очекуваат поддршка од Туркије или претседателот Ердоган. Меѓутоа, Алија на овој начин му создаде обврска. Ердоган го носи тој аманет и секогаш ми го споменува тоа, вели дека тој аманет мора да се изврши. Тоа е можеби една од последните добри работи кои покојниот Алија ги направил во последните часови од неговиот живот“, додаде Изетбеговиќ.


- Кој беше Алија Изетбеговиќ

Пред 21 година, почина првиот претседател на Претседателството на Република Босна и Херцеговина, Алија Изетбеговиќ.

Тој почина на 19 октомври 2003 година од срцево заболување. Според проценките, на последното испраќање на Алија Изетбеговиќ присуствуваа повеќе од 100.000 луѓе, како и голем број босанскохерцеговски и меѓународни официјални претставници. Се претпоставува дека тоа бил најголем број на луѓе кои некогаш присуствувале на некој погреб во Сараево.

Алија Изетбеговиќ беше првиот претседател на меѓународно признатата држава Босна и Херцеговина и врховен командант на Армијата на РБиХ за време на агресијата врз Босна и Херцеговина. Роден е на 8 август 1925 година во Босански Шамац, а почина на 19 октомври 2003 година во Сараево. Погребан е на гробиштата на шехидите „Ковачи“ во Сараево.

Пораснал и се школувал во Сараево, каде што дипломирал на Правниот факултет. Како правен советник работел во неколку сараевски фирми. Поради неговите политички определби и активности два пати бил затворен и осудуван. Во познатиот политички монтиран „Сараевски процес“ беше осуден на 14 години затвор како првообвинет во групата од тринаесет муслимански интелектуалци.

Тој го започна формирањето на Партијата за демократска акција и на првото основачко собрание на СДА, на 25 мај 1990 година, и стана нејзин прв претседател. По победата на СДА на првите повеќепартиски парламентарни избори во 1990 година, Изетбеговиќ е избран за прв претседател на Претседателството на Република БиХ.

По првите повоени повеќепартиски избори, во 1996 година, тој беше избран за член, а потоа и за претседател на Претседателството на БиХ.

По десет години извршување на функцијата член на Претседателството на БиХ, од здравствени причини, во 2000 година, поднесе оставка како член на Претседателството на БиХ. Автор е на голем број новинарски трудови, студии и книги кои се преведени на повеќе светски јазици.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.