Балкан

Вучиќ ги најави мерките на Србија во врска со Косово

„Србија не е во лесна правна и политичка ситуација што се однесува до Косово...“

Bedrudin Brljavac  | 14.09.2024 - Обновена : 14.09.2024
Вучиќ ги најави мерките на Србија во врска со Косово Фото: Filip Stevanovic/АА

БЕЛГРАД (АА) - Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во Палатата на Србија изјави дека Косово е несомнено најболната точка за Србите и ги претстави мерките што ќе ги преземат српските власти во врска со Косово, јавува Анадолу.

„Србија не е во лесна правна и политичка ситуација што се однесува до Косово. Економски напредуваме многу брзо, многу добро, можеби и одлично, како што покажуваат економските параметри и показатели. Но, она што останува наша најболна и најтешка точка, без никаков сомнеж, е Косово“, рече Вучиќ во своето обраќање до јавноста.

Осврнувајќи се на историјатот на случувањата поврзани со Косово, Вучиќ истакна дека по прогласувањето на независноста „преку ноќ 85 земји од Западот го признаа Косово, и тоа најмоќните држави на Западот.“

„До 2013 година имаме 112 земји кои ја признаваат независноста на Косово. Само земјите со слични проблеми остануваат на наша страна, сите останати застанаа на страната на Соединетите Американски Држави, и тогаш разговорите за Бриселскиот договор, и тоа е нашата спасоносна гранка. Знаевме дека Приштина нема да го исполни потпишаното. Добивме гаранции и верувавме дека барем нешто ќе гарантира потписот на Европската Унија (ЕУ), што се покажа дека не е случај, кога се урива Бриселскиот договор и желбата дека Косово, по секоја цена мора да биде независно, со исчезнување на Србите“, рече Вучиќ.

Говорејќи за мерките што ќе ги преземе Србија, Вучиќ посочи дека барале да се „вратиме на сѐ што е постигнато и достигнато во процесот на дијалогот“.

Потоа ги претстави мерките на Србија, а тоа се враќање на „статус кво анте“, Косово како подрачје на посебна социјална заштита, отпорноста на српските институции во Косово, формирање специјално обвинителство, одлуката за нелегалност на сите органи и институции основани на територијата на Косово по прогласувањето на независноста и непостоење на сите акти кои се донесени или допрва ќе бидат донесени.

Се бара и повлекување на специјалните сили на косовската полиција од „нелегално изградените бази и контролни пунктови“ на северот на Косово. Белград, исто така, бара „итно, неодложно и конечно“ формирање на Заедницата на општини со српско мнозинство (ЗСО) „без натамошни политички игри“.

Појаснувајќи ги мерките, тој истакна дека тие бараат враќање на „статус кво“ со отстранување на клучните последици од едностраните и некоординирани акции на режимот во Приштина“, што, како што рече, претставува неопходна претпоставка за смислен напредок во процесот на дијалог. За таа цел, најави, ќе се започне глобална дипломатска кампања во која ќе се пренесе очекувањето дека во најкраток временски период ќе се исполнат клучните предуслови за напредок во дијалогот, кои меѓу другото вклучуваат распишување и одржување на слободни и демократски локални избори во Косово, со контрола на ЕУ и враќање на српските судии и обвинители на функциите во правосудството.

Говорејќи за втората мерка, Вучиќ истакна дека е усогласено Народното собрание на Република Србија во рок од 45 дена да усвои закон за прогласување на „Автономната покраина Косово и Метохија“ за подрачје со посебна социјална заштита, со што ќе се загарантира правото на финансиска поддршка за невработените.

Тој истакна дека третиот потег се однесува на отпорноста на српските институции на Косово, напоменувајќи дека српските институции и привремени органи во Косово нема да бидат укинати, ниту затворени, со што, како што рече, ќе се спречи „Приштина да ја постигне својата главна политичка цел да ги исели и целосно да ги елиминира институциите на Србија и Србите на Косово“.

Тој изјави дека четвртиот потег ќе биде формирање на посебно обвинителство, истакнувајќи дека е усогласено Народното собрание на Република Србија во рок од 45 дена да усвои закон за организација на надлежностите на правосудните органи на Република Србија за подрачјето на „Автономната покраина Косово и Метохија“, со кои ќе биде формирано посебно обвинителство за процесуирање на злоупотребите и кршењето на основните човекови права, узурпација на имот, загрозување на физичкиот интегритет и достоинство на граѓаните на Република Србија на територијата на Косово.

На крајот Вучиќ ја појасни петтата мерка – одлуката за нелегалност на сите институции на Косово формирани по прогласувањето на независноста. Тој истакна дека во Народното собрание на Србија ќе се донесе одлука за нелегалност на сите органи и институции формирани на територијата на Косово по прогласувањето на независноста, и непостоење на сите акти кои се донесени или допрва ќе бидат донесени.

Во изминатите денови официјалните претставници на Србија ги обвинија властите на Косово, на чело со премиерот Албин Курти, „за напади врз Србите“ во четири општини на северот.

До ново заострување на односите на релација Белград - Приштина дојде откако косовските власти ги затворија паралелните српски институции на северот, кои ги сметаат за неуставни и нелегални. Белград тоа го нарече „криминални акти“ кои за цел имаат „прогон на Србите“.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın