култура и уметност, Балкан

Симпозиум „Моќта што создава глас: 140 години од раѓањето на Јахја Кемал“

- Свечената програма по повод отворањето на симпозиумот „Моќта што создава глас: 140 години од раѓањето на Јахја Кемал“ се одржа во кампусот на Меѓународниот балкански универзитет (МБУ)

Dzihat Aliju  | 30.05.2024 - Обновена : 31.05.2024
Симпозиум „Моќта што создава глас: 140 години од раѓањето на Јахја Кемал“ Фото: Џихат Алију / АА

СКОПЈЕ (АА) - Во Скопје се одржа свечено отворање на симпозиумот „Моќта што создава глас: 140 години од раѓањето на Јахја Кемал“, известува Анадолу.

На свечената програма по повод отворањето на симпозиумот во организација на Меѓународниот балкански универзитет (МБУ), со поддршка од Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Здружението „Освојување на Истанбул“ и Здружението „Ќопру“, присуствуваа претставници на турската амбасада во Скопје, претставници на турски институции и организации во земјава, академици, студенти и гости.

Ректорот на МБУ, проф. д-р Љутфи Сунар, во улога на домаќин на симпозиумот, во своето обраќање рече дека универзитетот има улога на мост помеѓу двете земји и нивните општества и потсети дека МБУ е универзитет основан со напорите на претприемачи и научници од Туркије под покровителство на претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Наведувајќи дека речиси половина од студентите на МБУ доаѓаат од Туркије, а другата половина од Северна Македонија и околните земји, ректорот Сунар истакна:

„Затоа, ова е точка на средба и фузија. Тоа е точка на средба и спојување помеѓу нашата земја и Балканот и меѓу самите балкански земји. Од тој аспект, фактот дека Јахја Кемал истакнува дека е роден во Скопје и често ги споменува врските меѓу Скопје и Туркије и турските градови во сите свои песни, веројатно е идејата што опстојува во умот на турскиот народ и луѓето што живеат во Туркије за поврзаноста со Балканот.“

Координаторот на Институтот „Јунус Емре“ во Скопје, Талип Ердоган, изјави дека институтот спроведува студии за промовирање и поддршка на научни и академски студии за турскиот јазик на глобално ниво и додаде:

„Литературата е моќна алатка што го продлабочува меѓукултурното разбирање. Институтот 'Јунус Емре' е пионер во промовирањето на нашата литература низ светот, зближувајќи ги луѓето од различни култури. Бидејќи Јахја Кемал Бејатли е и од Северна Македонија и од Туркије, тој е заедничка вредност на две различни земји, симбол и добар пример за меѓународно пријателство и соработка.“

Претседателот на Здружението „Ќопру“, Хусрев Емин, го изрази своето задоволство што се дел од организацијата и истакна: „Во последно време особена болка ни задава фактот дека во земјата во која живееме, за жал, името Јахја Кемал е познато преку училиштата на ФЕТО, кои се гнездо на тероризмот.“

Емин потсети дека во организација на Здружението „Ќопру“ и Сојузот на турски невладини организации на Македонија (МАТУСИТЕБ) околу 10 години се организираат поетски рецитални програми по повод годишнината од смртта на Јахја Кемал Бејатли.

Претседателот на Здружението „Освојување на Истанбул“, проф. д-р Мехмет Карпузџу, информирајќи за работата на институцијата што ја застапува и на Институтот „Јахја Кемал“, рече дека како институција ги објавиле како книги сите песни на Јахја Кемал.

Советникот за образование во Амбасадата на Туркије во Скопје, Орхан Куртоглу, потсетувајќи дека минатата недела организирале работилница насловена како Турколошки студии во Северна Македонија, посака симпозиумот да биде успешен.

Претседателот на Институтот „Јахја Кемал“, проф. д-р Мехмет Самсакчи, го истакна своето уверување дека од големо значење е што на дводневните настани се разговара за големиот мајстор на зборовите и идеите на 140-годишнината од неговото раѓање во градот во кој е роден и им се заблагодари на сите што ја поддржале програмата.

Во рамките на програмата беше изведен рецитал и кореографија на песните на Јахја Кемал од страна на младите членови на Здружението „Ќопру“.

Во рамките на симпозиумот, кој завршува утре, покрај сесиите, ќе биде организирана презентација на слајд шоу со архивски фотографии на Јахја Кемал и неговото маало, а ќе биде организирана и прошетка.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.