Собир пред Собранието во Скопје, се бара транспарентност и одговорност по трагичниот пожар во Кочани
- Собирот го организираше иницијативата „Кој е следен?“, со барање објавување на целата документација за активностите на ноќниот клуб во кои се случи катастрофата на 16 март.

СКОПЈЕ (АА) – Денеска во Скопје се одржа митинг пред Собранието на Северна Македонија на кој се бараше транспарентност и одговорност по трагедијата до која дојде кога избувна пожар во ноќен клуб во Кочани пред околу две недели, во кој животот го загубија 59 лица, известува Анадолу.
Собирот го организираше иницијативата „Кој е следен?“, со барање објавување на целата документација за активностите на ноќниот клуб во кои се случи катастрофата на 16 март.
Истакнувајќи дека како иницијатива имаат дилеми дали институциите ќе ја спроведат правдата на достојно ниво, Борјан Ефтимов од иницијативата „Кој е следен?“ истакна:
„Поради тоа, бараме транспарентно и целосно да се објави документацијата поврзана со работењето на клубот 'Пулс' од 2012 до денес“.
Барањето е упатено до МВР, Државниот пазарен инспекторат, Министерството за економија, Државниот градежен инспекторат, Државниот инспекторат за урбанизам, Дирекцијата за заштита и спасување, УЈП, локалната самоуправа во Кочани, локалниот градежен инспекторат и Консултативното тело за безбедност и превенција формирано во Општина Кочани.
Во меѓувреме, Игор Антов, кој е дел од иницијативата, ги претстави барањата во однос на безбедноста, барајќи формирање граѓањски електронски сервис за следење на работата на инспекторатот за да се обезбеди транспарентност.
„Предлагаме да са оформи граѓански сервис е-инспекторат, кој ќе овозможи транспарентно работење на сите инспекторати во државата, со што секој граѓанин ќе може да има увид кој објект и локал бил подложен под инспекциски надзор, а кој не“, изјави Антов.
За време на митингот беше поставен и голем транспарент со натпис „Системот е следен“.
- Пожарот во ноќниот клуб во Кочани
На 16 март, околу 03:00 часот, во ноќен клуб во градот Кочани избувна пожар предизвикан од употреба на пиротехнички средства за време на вечерна забава.
Во пожарот загинаа 59 лица, а повеќе од 170 беа повредени. Дванаесет од повредените беа префрлени на лекување во Истанбул и Анкара со авиони на брза помош испратени од Туркије.
Врз основа на спроведените истрагите, премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски информираше дека ноќниот клуб во Кочани не работел според прописите и имал фалсификувана лиценца за работа. Започната е истражна постапка против најмалку 34 лица, меѓу кои е и поранешниот министер за економија, Крешник Бектеши.
Владата на Северна Македонија прогласи седумдневна национална жалост по инцидентот.
По немилиот настан оставка поднесе градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов.